Црногорската полиција и Агенцијата за национална безбедност спроведоа операција во Рисан, при што уапсија пет лица осомничени за поврзаност со руската мрежа „Рибар“, објавија неколку црногорски медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори.
Според весникот „Побједа“, меѓу приведените се Михаил и Валерија Звинчук, кои се посочени како раководители на мрежата, како и тројца нивни соработници. Се очекува повеќе информации по официјалното соопштение на црногорските институции.
„Рибар“ е руска медиумско-информативна мрежа основана во 2018 година од Михаил Звинчук, поранешен вработен во прес-службата на руското Министерство за одбрана. За време на војната во Украина, мрежата стана еден од највлијателните проруските воени канали на Телеграм.
Звинчук е под санкции на Европската Унија од 2023 година поради поддршката за руската војна против Украина и ширењето пропаганда. ЕУ наведува дека тој е член на работна група формирана од рускиот претседател Владимир Путин за координација на активностите поврзани со мобилизацијата за војната.
САД и Велика Британија, исто така, ја поврзуваат мрежата „Рибар“ со операции за странско влијание и информациска војна, објави Радио Слободна Европа.
Во 2024 година, Стејт департментот на САД понуди награда до 10 милиони долари за информации за лица поврзани со проектот „Рибар“, преку програмата „Награди за правда“. Американските власти изразија сомневања дека мрежата учествувала во операции за странско влијание.
Во последните години, „Рибар“ ја прошири својата активност и на Западен Балкан, вклучително и во Србија и Босна и Херцеговина.
