Американците и Украинците во Мајами разговараат за завршување на војната

Од:

Американски и украински претставници денеска почнаа дводневни разговори во Мајами за нови предлози за завршување на војната во Украина.

Меѓу темите е можноста за делумен прекин на огнот, кој би ги опфатил нападите врз енергетската инфраструктура и пратките со жито. Ќе се разговара и за безбедносните гаранции за Украина и за планот за економско закрепнување на земјата по војната.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го придвижи застојот во преговорите пред зимата и американските меѓуизбори.

„Сите се загрижени поради зимата. Ќе биде тешка ако војната не заврши. Затоа САД се обидуваат да посредуваат меѓу страните со цел да се изготви заеднички предлог“, изјавил американски извор за „Аксиос“.

Пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, вчера се сретнале со претседателот за да му го претстават најновиот американски предлог и да добијат насоки пред разговорите во Мајами.

На средбите ќе учествуваат високи украински претставници, а САД ги поканиле и советниците за национална безбедност на Велика Британија, Франција и Германија, како и претставници на НАТО и Европската Унија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека Киев и Вашингтон разговараат за можноста за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура и пратките со жито.

„Сè уште не сум подготвен да кажам што би било реално или пореално. Не сакам да кажам нешто, па Русија, како и секогаш, од инает да го направи спротивното. Затоа, да почекаме“, изјавил Зеленски.

Според „Аксиос“, Украина е подготвена да разгледа ваков ограничен прекин на огнот, додека Русија засега покажува мал интерес за предлогот.

„Аксиос“ објави и дека Виткоф и Кушнер би можеле подоцна овој месец повторно да отпатуваат во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Тие во почетокот на септември ги посетија Москва и Киев, а оттогаш работат на изменет американски мировен предлог.

Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера ја опиша војната како конфликт во застој, додавајќи дека Вашингтон сака да спречи нова ескалација и да најде начин за завршување на судирот.

И покрај новата дипломатска иницијатива, засега нема знаци дека се решени најголемите отворени прашања меѓу Москва и Киев, особено оние поврзани со териториите и долгорочните безбедносни гаранции за Украина.

Би можело да ве интересира

„Зеленски го загуби трпението, ги нападна Американците“

ВИДЕО: Зеленски тврди дека Русија ги нападнала бродовите во бугарски води, Софија не потврдува

ВИДЕО: Русија го напдна Киев со ракети и дронови, двајца мртви

Русија тестира необична одбрана од украински дронови: Балони треба да ги соборуваат од небо

Предраг Петровиќ

Русите продолжуваат со нападите врз украинските мостови

Над половина од руските нафтени капацитети се надвор од погон, тврди Украина