Јеменските Хути, кои имаат поддршка од Иран, соопштија дека со балистичка ракета погодиле аеродром во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија. Тврдат дека еден авион претрпел сериозни оштетувања, по што неколку авиокомпании ги прекинаа летовите кон градот. Групата не приложи докази за своите тврдења, а саудиските власти засега официјално не го коментираа нападот, објави „Гардијан“.
WATCH: Footage confirms a Houthi strike hit a stationary aircraft at Riyadh Airport, Saudi Arabia. https://t.co/0FLJXDyA4U
— Clash Report (@clashreport) October 8, 2026
Три извори запознаени со ситуацијата изјавија за „Ројтерс“ дека патнички авион на „Саудија ерлајнс“ е тешко оштетен. Според нив, авионот бил паркиран на терминалот кога во четвртокот избувнал пожар, откако го погодиле остатоци од пресретната ракета или самата ракета.
Изворите веруваат дека во авионот во тој момент немало патници, но не ја исклучуваат целосно можноста да има повредени.
Сведоци во Ријад слушнале експлозии, меѓу кои и силна детонација во близина на меѓународниот аеродром „Крал Калид“. Според сведоштво за Асошиејтед прес, на терен излегле противпожарни и итни служби. На снимка што ја проверил „Ројтерс“ се гледаат густ црн чад и пламен над аеродромот.
Сведок кој сакал да остане анонимен изјавил дека полетувањата биле прекинати и дека на патниците им било наредено да се евакуираат.
„Луфтханза“ и „Ер Индија“ потврдија дека привремено ги суспендираат летовите до Ријад.
Според податоците на аналитичката компанија „Цириум“, до четвртокот во 15 часот по Гринич било откажано речиси половина од полетувањата од аеродромот. За петокот се предвидува откажување на уште 31 лет на сите аеродроми во Саудиска Арабија.
Инцидентот следува откако саудиските власти во средата соопштија дека тројца луѓе загинале во нападите врз аеродромите во Ријад и Абха, на југозападот на земјата.
Хутите во четвртокот ги засилија нападите врз Саудиска Арабија и порачаа дека се обидуваат да го затворат воздушниот простор на кралството.
Тие ги предупредија работниците да се држат подалеку од енергетските постројки, наведувајќи дека тие ќе бидат следните цели.
Во одделно соопштение, саудиските власти информираа дека остатоци од пресретната ракета погодиле детска градинка и медицински комплекс во Ријад.
Хутите наведуваат дека ја напаѓаат Саудиска Арабија поради нејзината поддршка за владините сили во јеменската граѓанска војна, која повторно се интензивираше.
Саудиска Арабија ја поддржува офанзивата на јеменската влада, призната од Обединетите нации, со цел враќање на териториите што ги зазедоа Хутите.
Во изминатиот месец, Хутите брзо напредуваа долж јеменскиот брег. Според достапните информации, во средата зазеле нови позиции на југозападот на земјата и се приближиле до градот Таиз.
diska arabija
Независни набљудувачи на почетокот на неделата предупредија дека групата би можела да го заземе Таиз. Има индиции дека силите поврзани со владата, поддржана од Саудиска Арабија, се повлекуваат за да го обезбедат стратешки важниот пристанишен град Аден.
Ријад оваа недела треба да биде домаќин на големиот енергетски собир „WPC Energy Congress“, на кој учествуваат експерти и носители на одлуки од енергетскиот сектор.
