ВИДЕО: Погоден деловен облакодер на „Арамко“ во Ријад

Од:

Деловна зграда во финансискиот кварт „Крал Абдула“ во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, денеска беше оштетена од проектил, изјавија очевидец и три лица запознаени со случајот. Неколку сведоци за француската новинска агенција АФП потврдиле дека е оштетена зграда во сопственост на нафтениот гигант „Арамко“.

Инцидентот се случил кратко откако коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала проектили истрелани од јеменските бунтовници Хути, кои се поврзани со Иран.

Од октомври, саудиската престолнина, особено нејзиниот аеродром, често е цел на проиранските борци кои се борат против јеменската влада.

Нападот врз деловниот кварт би можел да претставува значителна ескалација на судирот меѓу Саудиска Арабија и Хутите. Саудиските сили ги обвинија бунтовниците дека вчера и завчера извршиле два смртоносни напади врз цивили во Јемен.

„Кулата на Арамко дефинитивно беше цел“, изјавил еден од сведоците. Други двајца потврдиле дека забележале оштетувања на зградата.

Според еден сведок, оштетени се неколку ката, со искршени прозорци и видливи оштетувања на дел од фасадата.

Претходно, коалицијата соопшти дека пресретнала две балистички ракети што Хутите ги истрелале кон Ријад.

Соопштението следуваше по официјалното предупредување и извештаите на новинарите на АФП за силни експлозии.

„Пресретнавме и уништивме две балистички ракети што терористичката милиција на Хутите ги лансираше кон Ријад“, изјави портпаролот на коалицијата Турки ал Малки на социјалната мрежа Икс.

Тој соопшти и дека биле уништени две крстосувачки ракети истрелани кон Ријад и јужниот дел на земјата.

Сè уште не е јасно дали оштетувањата на зградата во сопственост на саудискиот нафтен гигант „Арамко“ настанале од паднати остатоци од пресретнат проектил или од директен ракетен погодок.

Финансискиот кварт „Крал Абдула“, со своите импозантни облакодери, луксузни продавници и зелени површини, е еден од најпрепознатливите симболи на економските и општествените реформи што се спроведуваат во Саудиска Арабија.

Во овој дел од градот има и станбени згради, како и метро-станица низ која во периодите на најголеми гужви минуваат голем број луѓе.

Нападите се случиле само неколку часа откако саудиското Министерство за образование вчера вечерта соопшти дека редовната настава во училиштата во Ријад продолжува, по неколкунеделна настава на далечина, воведена поради претходниот бран напади.

Би можело да ве интересира

Египет одобри воена поддршка за Саудиска Арабија, Хутите велат дека тоа е објава на војна

(ВИДЕО) Напад врз Ријад: Пресретната балистичка ракета лансирана од Хутите

Предраг Петровиќ

Две лица загинаа, а осум се повредени во напад на аеродром во Саудиска Арабија

(ВИДЕО) Експлозии во Саудиска Арабија, издадено е предупредување за опасност

Горан Наумовски

Трамп: Хутите се однесуваат многу лошо, можеби Ердоган би можел да интервенира

Горан Наумовски

Хутите ѝ се закануваат на Саудиска Арабија со глобална изолација