Премиерот Христијан Мицкоски најави дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ќе побара билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи, по совет од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Мицкоски на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен во Скопје рече дека веднаш побарал од Муцунски да испрати дипломатска нота и да побара средба за време на неговата посета на Софија, каде што ќе разговара за прашања поврзани со Коридорот 8.
„Од претседателката добив совет веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија е во Софија, причина за тоа е Коридорот 8 и проектите коишто ги движиме во рамките на тој Коридор 8, да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека со Фон дер Лајен разговарале за односите со Бугарија и за можноста Европската Унија да биде вклучена во процесот.
„Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со взаемно почитување. Очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес и не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение“, рече Мицкоски.
Според него, договореното решение треба да ги дефинира обврските на сите страни и да обезбеди процесот на пристапување кон ЕУ да не биде предмет на нови билатерални условувања.
Фон дер Лајен потврди дека следната недела треба да биде направен првиот чекор со цел да се деблокира пристапниот процес на Северна Македонија.
„Се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата, за да можеме да дојдеме со патоказ и во Северна Македонија. Можам да го потврдам она што го кажа премиерот дека се договоривме да имаме еден прв чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот и всушност да го претвориме во процес“, рече претседателката на Европската комисија.
Таа додаде дека следната недела ќе биде разгледан целиот процес на пристапување и посочи дека и понатаму има работа во реформите, но оти Северна Македонија досега постигнала напредок.
„Во моментов кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите коишто се неопходни. Да, сè уште има работа, но импресивно е она што досега го имате направено“, рече Фон дер Лајен.
