Пратеникот и координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека „губи контрола“ откако во јавна комуникација го нарекол премиерот „идиот“.
„Ова е срам за македонската политичка сцена, за СДСМ и за Филипче како нејзин претседател. Вакви навреди кон претседател на Влада не ѝ доликуваат на опозиција која претендира некогаш да биде власт“, изјави Мицевски.
Тој оцени дека станува збор за „говор на омраза“ и речник кој, како што рече, не доликува на професор, доктор и политичар.
Мицевски исто така тврдеше дека Филипче е под политички притисок и дека неговите изјави се поврзани со внатрешни поделби и притисоци, при што праша дали зад неговата реакција стојат преземени политички обврски што не може да ги исполни.
„Зошто е толку нервозен и зошто инсистира на капитулација пред Бугарија? Суштината на неговиот денешен испад не е во тоа дали Исланд е дел од заедничкиот европски пазар. Прашањето е дали презел политички обврски што сега не може да ги исполни и дали токму тоа е причината за ваквата нервоза“, рече Мицевски.
На крајот, тој, во име на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, го осуди она што го нарече „говор на омраза“ од страна на Филипче.
