Британскиот премиер Енди Барнам изјави дека Велика Британија треба да ги разгледа сите можности за идниот однос со Европската Унија, вклучително и евентуално повторно членство во блокот.
Барнам во интервју за Би-би-си изјави дека Британија треба да ги разгледа различните модели на долгорочен однос со ЕУ и да оцени кој од нив најмногу би ѝ одговарал.
„Можеме да останеме таму каде што сме. Тоа секако е една од можностите, ако луѓето сметаат дека ова е добра позиција во која треба да останеме. Можеме да го разгледаме она што го предложи Џорџ Озборн за царинска унија. Можеме да го разгледаме она што Либералдемократите го кажаа за единствениот пазар, а можеме да одиме и до крај“, рече Барнам.
Поранешниот конзервативен министер за финансии Џорџ Озборн се залага за влез на Британија во царинска унија со ЕУ, додека Либералдемократите повикаа на враќање на земјата во европскиот единствен пазар.
Барнам оцени дека сите опции треба да се разгледаат врз основа на тоа што е изводливо, како и на нивните предности и недостатоци.
Британскиот премиер на годишната конференција на Лабуристичката партија изјави дека Брегзит „донел повеќе штета отколку корист“.
Велика Британија во 2016 година на референдум одлучи да ја напушти Европската Унија, по повеќе од четири децении членство. Процесот на излегување беше проследен со повеќегодишни политички преговори и промени во односите меѓу Лондон и Брисел.
Барнам претходно најави дека на британско-европскиот самит во ноември ќе ги претстави можностите за долгорочниот однос на Британија со ЕУ.
Тој и порано изјавуваше дека би сакал Велика Британија повторно да стане членка на Европската Унија во текот на неговиот живот, додавајќи дека земјата не може да си дозволи уште една деценија неизвесност околу ова прашање.
