(ВИДЕО) Парализа на Украина: Русите отворија нов фронт

Од:

Во изминатите денови Русија ги засили нападите врз дата-центрите и телекомуникациската инфраструктура во Украина, особено во Киев и Киевската област.

Според украинското Министерство за дигитална трансформација, по нападите се појавиле проблеми со интернет-врската кои погодиле околу 100.000 домаќинства.

Во петокот руски дрон погоди деловен центар во Киев во кој се наоѓал објект на телекомуникациската компанија „Datagroup“. Украинските власти соопштија дека во нападот загинале четири лица.

Компанијата „Datagroup“ соопшти дека нејзините услуги и понатаму функционираат благодарение на резервните локации, додека техничките тимови ја проценуваат штетата и работат на поправка на оштетената инфраструктура.

И претходните напади беа насочени кон инфраструктурата на неколку интернет-провајдери. Меѓу компаниите кои пријавија проблеми беа „Pavutyna“, „Utels“ и „Crazy Network“, а погодени беа и други објекти поврзани со телекомуникациски и хостинг услуги.

Компанијата „Utels“ пријави оштетување на дата-центар во кој се наоѓала клучна мрежна опрема, што довело до прекин во напојувањето на дел од системот.

Нападите врз дата-центрите претставуваат сериозен удар, бидејќи значаен дел од дигиталните активности се потпираат на нив. Стабилната интернет-инфраструктура е од суштинско значење за работата на компаниите, банкарските системи, електронските плаќања, веб-страниците и различните јавни служби.

Украинските власти предупредија и на можни последици врз системите што се користат за предупредување на граѓаните во случај на воздушни напади.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека брзите предупредувања за ракетни напади и напади со дронови се клучни за спасување животи.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека Русија ги проширува нападите и ги вклучува дата-центрите и интернет-провајдерите, истакнувајќи дека ваквите удари сè повеќе влијаат врз секојдневниот живот на населението.

Руското Министерство за одбрана го потврди нападот врз објектот на компанијата „Datagroup“, но тврди дека тој се користел за поддршка на операциите на украинската воена разузнавачка служба.

Москва соопшти и дека во изминатите денови гаѓала неколку објекти за обработка на податоци и телекомуникациски центри во Украина.

Украина, од друга страна, овие напади ги опишува како удари врз инфраструктурата од витално значење за функционирањето на цивилното општество и економијата.

Најновите напади покажуваат дека дигиталната инфраструктура сè повеќе станува клучен елемент на современото војување. Покрај енергетските и транспортните системи, дата-центрите и телекомуникациските мрежи стануваат критични поради нивната улога во секојдневниот живот, деловното работење и комуникациите.

Би можело да ве интересира

Трамп му предложил на Зеленски средба со Путин – во Москва

Трамп повторно објави мапа: Овојпат Ормускиот теснец го нарече „Трампов теснец“

Белата куќа му забрани на Си-Ен-Ен да патува со Трамп во „Ер форс 1“

Руските компании сè почесто сами ги штитат објектите од украински дронови

ВИДЕО: Читачка на усни откри што наводно зборувале Венс, неговата сопруга и Иванка Трамп за време на пречекот на Си

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Русија го нападна Киев со дронови, загина 14-годишно момче