Главниот меѓународен аеродром во Милано денес официјално беше преименуван во чест на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, кој почина во 2023 година.
Аеродромот сега го носи името „Милано-Малпенса Силвио Берлускони“. Новото име беше одобрено во 2024 година, но предизвика правни спорови.
„Сознанието дека аеродромот ’Милано-Малпенса Силвио Берлускони‘ секојдневно ќе пречекува илјадници патници од целиот свет ме исполнува со гордост и емоции“, изјави Марија Елвира „Марина“ Берлускони, најстарата ќерка на покојниот политичар.
Тоа е вториот по големина аеродром во Италија, веднаш по римскиот аеродром „Фјумичино“.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, не присуствуваше на церемонијата на преименување поради протест, бидејќи претходно се спротивставуваше аеродромот да го носи името на Берлускони, кој е роден во тој град.
„Што требаше да направам? Да се појавам со изнудена насмевка?“, коментираше тој на Инстаграм.
Берлускони беше исклучително контроверзна личност, како во Италија, така и во странство. Тој имаше четири мандати како премиер во периодот од 1994 до 2011 година, поминувајќи повеќе од девет години на власт – подолго од кој било друг италијански премиер по завршувањето на Втората светска војна.
Неговата политичка кариера беше одбележана со бројни правни битки, вклучително и правосилна пресуда за даночна измама во 2013 година и судење поврзано со таканаречената афера „бунга-бунга“, која вклучуваше забави на кои присуствувале малолетни девојки. Во тој случај, тој на крајот беше ослободен од обвиненијата.
