Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денес пред почетокот на седницата на Генералното собрание изјави дека конфликтите низ Блискиот Исток се прелеваат еден во друг и дека таканаречените прекини на огнот се сведени на нешто повеќе од „намален интензитет на конфликтот“, додека цивилите продолжуваат да ја плаќаат највисоката цена.
„Доста е, премногу е“, рече Гутереш, повикувајќи ги светските лидери собрани во салата на Генералното собрание да поттикнат деескалација и дијалог во регионот.
„Ајде сите заедно да испратиме јасна порака: борбите мора да престанат, хуманитарната помош мора да пристигне непречено, а слободната пловидба мора целосно да се обнови во согласност со меѓународното право“, рече Гутереш, пренесува Би-би-си.
Тој нагласи дека светот не смее да ја „игнорира катастрофалната ситуација на окупираната палестинска територија“, рече дека сите страни мора да го почитуваат меѓународното право и истакна дека насилството, раселувањето и ширењето на израелските населби на окупираниот Западен Брег „го уништуваат патот кон мирот и ја призиваат аветата на етничко чистење“.
„Не смееме да дозволиме решението со две држави да исчезне пред нашите очи“, рече Гутереш.
Во своето воведно обраќање, Гутереш им порача на присутните лидери дека „луѓето сè повеќе ѝ ја препуштаат моќта на машините“, предупредувајќи дека, поради брзиот развој на вештачката интелигенција, „вештачките агенти стануваат неконтролибилни, а смртоносното автономно оружје преминува од сферата на научната фантастика во воена реалност“.
Тој изјави дека „јасно се движиме кон мултиполарен свет“, но истакна дека постојат различни начини на кои тој свет може да се обликува.
Според него, првото сценарио подразбира фрагментација и свет одбележан со „растечки тензии и продлабочена недоверба“, додека второто е „свет во кој неколку центри на влијание коегзистираат во рамките на заеднички систем на меѓународно право и заеднички правила“.
Гутереш наведе дека нашата иднина ќе биде обликувана од начинот на кој ќе се соочиме со „четирите големи искушенија на моќта“: моќта што одлучува за војна и мир, моќта што „го концентрира богатството и ја поттикнува нееднаквоста“, моќта што „поттикнува климатски хаос“ и моќта ослободена од вештачката интелигенција.
Проследен со силен аплауз, Гутереш рече дека инсистира Африка да добие барем едно место во Советот за безбедност.
„Советот за безбедност во 21-от век без постојани места за африканските земји е неправеден и неодржлив, и тоа мора да се промени“, рече Гутереш.
