23-годишниот Сет Волс, кој се бара за убиството на 15-годишната Хејли Риди во Тенеси во 2022 година, е уапсен во Љубљана, повеќе од 8.000 километри од местото на злосторството.
Американските федерални власти соопштија дека Волс бил уапсен во средата во главниот град на Словенија. Неговиот идентитет бил потврден преку отпечатоци од прсти доставени од Интерпол, објави WCTV.
Волс моментално се наоѓа во притвор во Словенија и го очекува постапувањето по барањето за екстрадиција во округот Шелби, во американската сојузна држава Тенеси, каде што треба да се соочи со обвиненијата.
Волс е обвинет дека во септември 2022 година, кога имал 19 години, во куќа во Милјингтон со огнено оружје ја усмртил 15-годишната Хејли Риди.
Според наодот на лекарот што ја утврдил смртта, станувало збор за убиство. Куршумот влегол зад десното уво и излегол низ левата слепоочница, под агол за кој било утврдено дека исклучува можност за самонанесување на повредата.
Волс првично бил обвинет за убиство од небрежност, но подоцна обвинението било изменето во убиство од втор степен и несовесно загрозување со смртоносно оружје.
По плаќањето кауција од 10.000 долари, Волс не се појавил на судското рочиште, по што по него била распишана потерница.
Семејството на убиената девојка уште во времето кога Волс бил пуштен со кауција остро реагирало на одлуката.
„Не е важно дали го направил тоа намерно или не. Тој ја уби мојата ќерка“, изјавил тогаш нејзиниот татко Дејвид Риди за Action News 5.
„Мојата ќерка нема втора шанса. Таа не може никого да повика, ниту може да плати кауција“, рекол тој.
Веста за апсењето ја коментирале и локалните власти.
Шерифот на округот Шелби, Ентони Бакнер, ја истакнал важноста на меѓународната полициска соработка.
„Апсењето на Сет Волс во Словенија е силен пример за тоа што може да се постигне кога локалните, државните, федералните и меѓународните полициски агенции соработуваат. Им честитам на федералните власти и на сите наши партнери за нивната одлучност и истрајност“, изјавил Бакнер.
Тој додал дека властите ќе продолжат да соработуваат со обвинителството за Волс да биде вратен во округот Шелби и да му се суди.
Градоначалникот на Милјингтон, Лери Дејген, изјавил дека убиството на Хејли Риди длабоко ја потресло целата заедница.
„Трагичното убиство на Хејли Риди го погоди нејзиното семејство, пријателите и целиот Милјингтон. Знаеме дека ништо не може да ја надомести загубата, но се надеваме дека овој важен чекор ќе донесе можност за правда и ќе им помогне на семејството и заедницата во процесот на опоравување“, рекол Дејген.
