Американската сојузна држава Тенеси не успеа да ја погуби 50-годишната Криста Гејл Пајк, осудена на смрт за убиство што го извршила на 18 години.
Пајк добила две дози пентобарбитал, лекот што Тенеси го користи за смртоносни инјекции, но останала жива. Потоа со возило на итната помош била пренесена во болница. Нејзината здравствена состојба засега не е позната.
Новинари кои присуствувале на погубувањето известиле дека Пајк била врзана за кревет во комората за погубување. Во еден момент ја кренала главата и го прашала затворскиот персонал дали треба така да ѝ се чувствува раката.
Втората доза пентобарбитал била дадена до 20:26 часот по локално време. И по неа, зад затворената завеса, сè уште се слушало како Пајк гласно ‘рчи.
Микрофонот бил исклучен во 20:53 часот, а новинарите биле замолени да ја напуштат просторијата. Затворските власти во тој момент не можеле да објаснат што се случило.
Нејзините адвокати итно поднеле барања до судовите за запирање на постапката и обезбедување медицинска помош.
Според организацијата Death Penalty Information Center, имало случаи кога погубувањата не можеле да бидат извршени поради проблеми со пронаоѓањето вена, но не е познат претходен случај во кој осуденик преживеал откако му биле дадени лековите предвидени за погубување.
Врховниот суд ја укина одлуката за одложување
Пајк првично требало да биде погубена во средата наутро, но федералниот апелациски суд го запрел погубувањето околу еден час пред закажаниот термин.
Одбраната тврдела дека при изрекувањето на смртната казна не биле доволно земени предвид сексуалното злоставување и траумите што ги претрпела во детството.
Тенеси се жалел до Врховниот суд на САД, кој подоцна истиот ден ја укинал одлуката за одложување и дозволил погубувањето да продолжи.
Доколку било успешно, Пајк ќе била првата жена погубена во Тенеси по повеќе од 200 години.
