ВИДЕО: Илјадници граѓани во Приштина со свирежи и солзи ја пречекаа пресудата за Тачи и поранешните команданти на ОВК

Од:

Илјадници граѓани во Приштина со свирежи ја пречекаа пресудата за Тачи и поранешните команданти на ОВК

Илјадници граѓани се собраа во центарот на Приштина, каде преку голем екран го следеа изрекувањето на пресудата за поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и тројцата поранешни високи команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

По објавувањето на пресудата, дел од присутните свиркаа и извикуваа „Тачи, Тачи“, а некои граѓани плачеа, објави „Ројтерс“.

На улиците беа истакнати портрети на поранешните команданти и знамиња на ОВК. Дел од граѓаните извикуваа „Не во мое име“, порака која, според косовските медиуми, се ширела и на социјалните мрежи.

Тачи и Јакуп Красниќи се осудени на по 25 години затвор за воени злосторства. Кадри Весељи доби 18 години затвор, а Реџеп Селими 13 години.

Поддршката за четворицата поранешни команданти беше видлива и во деновите пред пресудата. Во Приштина пред четири дена се одржа „Марш за слобода“, на кој, според организаторите, учествувале околу 100.000 луѓе. Независна потврда на оваа бројка не е објавена, додека „Коха“ извести за илјадници граѓани на улиците.

Јавни собири за следење на пресудата денеска беа организирани и во други косовски градови.

Поддржувачи на Тачи и останатите обвинети се собраа и пред Специјализираните совети на Косово во Хаг, каде десетици луѓе мавтаа со знамиња на ОВК и извикуваа „УЧК“, албанската кратенка за ОВК.

По пресудата следуваа реакции и од косовски политичари.

Косовскиот министер за надворешни работи Глаук Коњуфца, кој пресудата ја следеше во Хаг, ја нарече „страшна пресуда за Косово“.

„Тоа е тажна, неправедна и незаслужена одлука“, изјави Коњуфца по излегувањето од судницата.

Албанскиот премиер Еди Рама на социјалните мрежи објави фотографија со една порака – „Marre“, што на албански значи „Срамота“.

Поранешниот косовски премиер и поранешен командант на ОВК, Рамуш Харадинај, пресудата ја оцени како неправедна и неприфатлива, но ги повика граѓаните да останат мирни и најави продолжување на правната битка преку жалбена постапка.

„Ако го уништуваме Косово, им помагаме на непријателите“, порача Харадинај, повикувајќи ги граѓаните да не оштетуваат имот и да не ги загрозуваат луѓето.

Во пресрет на пресудата, засилено внимание беше посветено и на безбедносната состојба на северот на Косово. КФОР и ЕУЛЕКС соопштија дека ја следат ситуацијата, додека КФОР порача дека е подготвен да реагира на различни безбедносни сценарија.

На северот, во основните и средните училишта наставата се одвиваше редовно, но дел од факултетите на Универзитетот во Приштина со седиште во Северна Митровица ги одложија денешните испити. Одложена беше и јавната расправа за буџетот на општина Северна Митровица.

Истовремено, училиштата што работат според српската наставна програма во областа на Грачаница ја префрлија наставата онлајн поради безбедносната ситуација и најавените собири поврзани со пресудата.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Хашим Тачи е осуден на 25 години затвор за воени злосторства

Катерина Ѓуровски

Судот во Хаг ја изрекува пресудата за Хашим Тачи во судењето за воени злосторства

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Собир за поддршка на поранешните лидери на ОВК: Размислете за последиците пред да донесете одлука!

А1он

Приштина реагира на ставот на Зеленски за Косово: „Нашата државност мора да се почитува“

Се урна кран на градилиште во Приштина – загина работник

А1он

(ВИДЕО) Жестока тепачка во клиника во Приштина: Скандалозна снимка, хирурзите се скараа, па се испотепаа