Косовската полиција во Приштина уапси шест лица под сомнение дека се дел од организирана група за трговија со дрога. Меѓу уапсените е и Астрит Харачија, поранешен министер за култура на Косово, пишува „Телеграф“.
Од полицијата соопштија дека акцијата е резултат на долготрајна истрага. Групата имала разработена хиерархиска структура, од организаторите на врвот до уличните дилери.
Извршени се претреси на неколку локации, при што се уапсени шестмина осомничени, а против уште едно лице ќе биде покрената редовна кривична постапка. На сите уапсени им е одреден притвор во траење до 48 часа.
За време на операцијата, запленети се околу 1,6 килограми кокаин, чија улична вредност се проценува на 111.000 евра.
Полициските службеници пронашле и марихуана, таблети екстази и други, засега неидентификувани супстанции. Исто така, одземени се шест луксузни автомобили, скапи часовници, накит, телефони, електронски уреди, опрема за надзор и околу 16.000 евра во готовина.
На локациите се пронајдени и огнено оружје, муниција, ножеви, како и опрема за пакување дрога. Вкупната вредност на запленетата дрога и имот се проценува на околу 300.000 евра.
Веста за апсењето на Астрит Харачија ја потврди неговиот адвокат, пренесува „Коха“.
Харачија беше министер за култура во периодот од 2004 до 2007 година, во владата на Рамуш Харадинај.
Во 2012 година, тој ја извршуваше функцијата заменик-министер за финансии во владата на Хашим Тачи.
