Полските регрутни центри почнаа да им испраќаат на граѓаните мобилизациски покани. Станува збор за редовна процедура која се спроведува секоја година со цел стручните лица однапред да бидат распоредени на конкретни задачи во случај на прогласување мобилизација или избивање војна.
Документот се издава во мирновременски услови и е наменет исклучиво за информирање, наведува полскиот медиум RMF24.
Мобилизациските покани првенствено им се издаваат на резервисти кои подлежат на воена обврска, но се испраќаат и до цивилни стручњаци во критичните сектори: медицински работници, ИТ-експерти, стручњаци за логистика, како и вработени во енергетиката, сообраќајот, комуникациите и разузнавачкиот сектор.
Мобилизациската покана содржи јасни упатства за конкретната воена единица и местото на кое лицето е должно веднаш да се јави, но само откако Полска официјално ќе прогласи мобилизација или воена состојба.
Потенцијалните регрути кои ќе ја игнорираат оваа обврска може да се соочат со затворска казна до три години. Распоредот може да биде поништен доколку лицето ја достигне старосната граница за служба во резервниот состав, трајно се пресели во странство, биде осудено на затворска казна или од здравствени причини. Одложување на обврската се одобрува на еден од родителите доколку двајцата сопружници кои се грижат за малолетно дете истовремено добијат мобилизациски повици.
Распоредувањето на граѓаните се одредува според обоените ленти на мобилизацискиот повик. Тие укажуваат на видот на распоредот и природата на нивните обврски кон Министерството за одбрана.
Црвената лента е наменета за резервисти кои се должни веднаш да се јават на активна воена служба во определена единица.
Зелената лента значи дека резервистот ќе биде повикан со посебен повик или преку јавен оглас.
Сината лента означува цивилен мобилизациски распоред. Таа е наменета за вработени во одбранбениот систем и за цивилни стручњаци кои во случај на војна се должни да се јават на одредена адреса и да извршуваат задачи во корист на вооружените сили.
