Вучиќ по едногласниот избор за кандидат за премиер: „Огромна чест е што ја добив вашата доверба“

Од:

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека за него е голема чест што на Главниот одбор на СНС едногласно е избран за кандидат на партијата за премиер на претстојните избори.

Вучиќ изјави дека не постои партија која поодговорно ги чува и ги штити националните и државните интереси на Србија од СНС.

„Пред 18 години ја основавме партијата и го соборивме ненародниот режим. И успеавме да ја промениме Србија. Дали сè беше идеално, дали направивме сè како што треба? Секако дека не. Грешевме и тие грешки мора да ги прифатиме, да ги разбереме и да ги признаеме пред граѓаните. Но, дали ги менувавме работите на подобро? Да. Изградивме многу големи работи, но направивме и многу грешки. Прво јас, а потоа и многумина од вас“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека за него претставува огромна чест довербата што ја добил од Главниот одбор на СНС.

„Огромна чест е, бидејќи јас знам – со сите наши недостатоци, не постои ниту метар поле со жито каде што нема и какол. Го има и кај нас, го има насекаде. Но, не постои партија која попрецизно, пореално, посериозно и поодговорно ги чува и ги штити нашите национални и државни интереси“, истакна Вучиќ.

Тој порача дека треба да се остави настрана тоа што, како што рече, сите други секогаш се обидувале вината да ја префрлат врз СНС.

„Логично беше. Ние сме најодговорни. И не треба да им се лутиме на оние кои им шепкаа на новинарите и на јавноста: ‘Ние сме добри, тие се лошите напредњаци кои го прават тоа. Немојте нас да нè обвинувате’. А кога ќе се направеше нешто добро, тогаш секогаш беа први во редот да кажат дека токму тие го направиле, иако за тој проект никогаш претходно не ни чуле“, рече Вучиќ.

Според него, не е најважно кој што зборува, туку што ќе направи СНС.

„Не е многу важно. Важно е што ќе направиме ние. И сè зависи од нас. Од нас зависи и оваа кампања. Зависи и од тоа дали луѓето ќе разберат дека ние сакаме самите да се промениме“, кажа Вучиќ.

Тој оцени дека граѓаните не бараат промени за на власт да дојдат, како што рече, „најлошите“ во Србија.

Вучиќ истакна дека никој не сака промени со кои на власт би дошле луѓе кои ги „уништија факултетите, универзитетите и училиштата“.

„Никој не сака промена во која секој ден ќе има блокади на патиштата. Луѓето само бараат помалку бахатост, помалку ароганција од претставниците на власта. Луѓето бараат некој да разговара со нив“, наведе Вучиќ.

Тој рече дека посетил многу места низ Србија и се уверил дека на некои места има одлични и добри градоначалници и претседатели на општини кои припаѓаат на СНС.

„Во некои места имаме луѓе за кои гледате дека никогаш не разговарале со народот. И тоа ќе мора да го менуваме во иднина“, заклучи Вучиќ.

Би можело да ве интересира

СНС едногласно одлучи: Вучиќ носител на листата и кандидат за премиер

Горан Наумовски

Остра порака од Вучиќ: Марта Кос нема да ми држи лекции кој е воен злосторник и монструм“

А1он

Вучиќ: Телото на генерал Младиќ е преземено, треба да пристигне во Србија доцна попладнево

Вучиќ: Ќе продолжам да соборувам рекорди со појавувања на телевизија, тоа е работа на претседател

А1он

Вучиќ: Изборите ќе се одржат на 18 или 25 октомври

Мицкоски за изјавата на Вучиќ: Таквата комуникација прилега на минатиот век, МПЦ-ОА е столб на македонскиот идентитет

A1on