Пронајдени се денеска три безживотни тела на стрелиштето „Чешка збројевка“ во Даниловград (Црна Гора), а за страшната глетка службата за итни случаи при Одделението за безбедност во Даниловград била известена од М.Ј. – сопственикот на стрелиштето, денеска околу 17 часот.
Според неофицијалните информации на „Побједа“, убиени се тројца работници на ова стрелиште.
Неофицијално, убиени се Немања К., Петар Г. и Момир Р., а по убиецот се трага.
Од клубот неофицијално соопштија дека се убиени нивни членови, кои, согласно законот, на работното место биле без оружје и без можност да се одбранат.
Полициските службеници, во соработка и по налог на државниот обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица, преземаат истражни и други дејствија со цел да се утврдат околностите под кои е употребено огнено оружје и настапила смртта кај овие три лица.
Полицијата запира и контролира секое возило што се движи од правец на Даниловград кон Подгорица.
