ВИДЕО: Американците ќе го пренесуваат во живо првото воено погубување со стрелање по 60 години

Од:

Егзекуцијата на поранешниот мајор на американската армија Нидал Хасан, осуден за убиството на 13 невооружени војници во воената база Форт Худ во 2009 година, ќе се пренесува во живо на интернет, изјави американскиот министер за одбрана Пит Хегсет.

Претставник на Министерството за одбрана потврдил дека Хасан ќе биде стрелан. Егзекуцијата е закажана за 3 декември во базата Форт Худ во Тексас. Доколку биде извршена, тоа ќе биде првата воена егзекуција во САД по повеќе од 60 години и првата со стрелање од крајот на Втората светска војна.

„Ќе се погрижиме луѓето да можат да го гледаат тоа, да биде јавно. Луѓето мора да разберат дека ваквите дела носат сериозни последици“, изјави Хегсет во интервју за конзервативниот канал „Рил Америкас Војс“.

Тој рече дека Хасан ќе се соочи со стрелачки вод составен од војници. На прашањето дали осудениот има последна желба или му се обратил на претседателот Доналд Трамп, Хегсет одговори: „Не ме интересира. Се гледаме на 3 декември“.

Подоцна, Хегсет и преку објава на социјалната мрежа Икс потврди дека преносот на егзекуцијата ќе биде достапен во живо на интернет.

Адвокатот Џон Милс, кој застапува осуденици на смрт, оцени дека одлуката за пренос во живо е без преседан во современото време и дека отвора сериозни правни прашања.

Тој посочи дека жалбената постапка на Хасан сè уште не е завршена и дека осудениот најверојатно ќе побара преиспитување на пресудата пред федерален суд, што би можело да ја одложи егзекуцијата.

„Обидот за пренос во живо и стрелањето се само начин администрацијата на Трамп да привлече внимание. Малку е веројатно дека тоа ќе се реализира, а уште помалку дека ќе донесе каква било правда“, изјави Милс.

Јуџин Р. Фидел, гостински предавач на Правниот факултет при Универзитетот Јејл, ја оцени одлуката како несреќна.

„Преносот на егзекуција во живо припаѓа на средниот век. Како општество, го надминавме тоа, или барем така мислев до денес“, изјави тој за Би-Би-Си.

Фидел додаде дека евентуална тужба би можела да доведе до долг судски процес, кој би траел со години и би го надминал мандатот на Трамп во Белата куќа.

Иако некои американски сојузни држави овозможуваат одреден облик на јавно следење на егзекуциите, преку присуство на новинари или гости на осудениците, досега немало пренос во живо, изјави Дебора Дено, професорка по право на Универзитетот „Фордам“.

Според неа, преносот би вовел ниво на транспарентност какво што досега не е видено во САД.

„Повеќе од половина од земјата ја поддржува смртната казна, иако тој процент опаѓа. Може да се каже: ‘Ако ја сакате смртната казна, ќе ви покажеме како се спроведува’. Луѓето би морале да се соочат со она што навистина се случува, а што многумина го игнорираат“, изјави Дено.

Таа посочи дека преносот отвора и прашања за ограничувањето на возраста на гледачите и за правилата на платформите преку кои би се емитувала егзекуцијата.

Би можело да ве интересира

Три безживотни тела најдени на стрелиште во град во Црна Гора

А1он

Хегсет подготвува план за повлекување на американските трупи од Европа

А1он

Пит Хегсет го провоцира Иран: Објави фотографии од американски маринци и испрати директна порака до Техеран

Хегсет: Европа треба да преземе водечка улога во одбраната на сопствениот континент

Хегсет: Требаше одамна да ги егзекутираме затворениците од Гвантанамо

Горан Наумовски

Хегсет: САД се подготвени повторно да започнат напади врз Иран