Денес сме тука да ја пренесеме сериозната загриженост на граѓаните во врска со судбината на Булеварот „Хасан Приштина“ – Качанички пат, во Визбегово, и со 6-те милиони евра обезбедени за реализација на овој проект. Ова не е нов проект, ниту изборно ветување. Во 2023 година, Министерството за транспорт и Градот Скопје формираа заедничка комисија за изработка на урбанистичкиот план. Планот беше подготвен, усогласен и усвоен, се наведува во соопштението на ДУИ од прес-конференцијата на Беким Реџепи.
– Беше предвидена изградба и проширување на Булеварот „Хасан Приштина“, како важна сообраќајна артерија за поврзување на Скопје со Блаце и Косово. За време на владеењето ДУИ–СДСМ, за овој проект беа обезбедени 6 милиони евра наменски средства. Значи, проектот беше планиран, планот беше усвоен и парите беа обезбедени. Но денес, Владата на ВМРО-ДПМНЕ–ВЛЕН ги пренамени овие 6 милиони евра за друг проект – подземната улица на Јужниот булевар.
А тоа се случува во исто време кога Владата организира церемонии за продолжувањето на автопатот Скопје–Блаце. Затоа прашањето е едноставно: Каква е логиката да се гради автопат кон Блаце, ако патот што треба да го поврзе со Скопје останува со тесни делови, колони и секојдневен сообраќаен хаос? Не може да се гради автопатот кон Блаце, а истовремено да се земаат парите од патот што треба да го поврзе со Скопје. Затоа ДУИ јавно прашува: Зошто се жртвува Булеварот „Хасан Приштина“? И имаме прашање и до ВЛЕН: Ќе молчи ли кога се земаат 6 милиони евра од проект што директно засега илјадници граѓани?
Граѓаните немаат потреба од церемонии и фотографии. Имаат потреба од патишта. Имаат потреба од решенија. Затоа нашето барање е јасно: ВРАТЕТЕ ГИ 6 МИЛИОНИ ЕВРА! Вратете ги средствата за Булеварот „Хасан Приштина“. Проширете го Качаничкиот пат и направете ја врската Скопје–Блаце функционална. ДУИ нема да молчи. Ќе бараме конкретни одговори: Зошто беа земени 6-те милиони евра? И кога ќе започнат работите на Булеварот „Хасан Приштина“? Само една неодговорна Влада може да дозволи проект за кој има обезбедени средства и подготвена документација да не се реализира, само поради сопствени политички каприци, рече Реџепи.
