Рускиот претседател Владимир Путин смета дека мировните преговори за војната во Украина влегле во целосен ќор-сокак и се подготвува да ги интензивира воените дејствија, тврдат извори блиски до Кремљ, на кои се повикува „Блумберг“.
Во најтесниот круг околу рускиот лидер расте загриженоста дека Путин би можел на крајот да прибегне кон употреба на тактичко нуклеарно оружје.
Според извори поврзани со Кремљ, Русија планира во блиска иднина да го зголеми бројот на балистички ракетни напади врз Киев, со посебен фокус на центарот на украинската престолнина, но и врз критичната инфраструктура во други украински градови.
Мировните преговори, кои околу година и половина се водеа со посредство на администрацијата на Доналд Трамп, практично пропаднаа, оценуваат изворите на „Блумберг“. Двете страни, според нив, се наоѓаат во речиси иста позиција како и на почетокот на разговорите.
И покрај зголемениот економски притисок врз Русија, домашната криза со горивото и нападите врз мрежите за снабдување, Путин нема намера да ја прекине војната во Украина. Изворите наведуваат дека сегашната размена на напади не го претставува врвот на воената ескалација.
Сè поголем број руски функционери стравуваат дека Путин би можел да го употреби тактичкото нуклеарно оружје како последно средство. Во исто време, во руските националистички и тврдокорни кругови сè погласни се барањата за дополнителна ескалација на конфликтот.
Со застојот на дипломатските напори, извори блиски до Кремљ оценуваат дека Москва има сè помалку опции и дека продолжувањето на воената ескалација се наметнува како една од главните стратегии. Во Кремљ сè уште постојат надежи дека американските специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер би можеле да донесат нови предлози, но очекувањата за конкретен напредок се многу ниски.
Сепак, според „Блумберг“, во моментов нема конкретни знаци дека Путин подготвува распоредување или употреба на нуклеарно оружје. Меѓународните партнери на Русија, меѓу кои и Кина, силно се противат на таков чекор и испратиле јасни предупредувања до Москва.
Фиона Хил, поранешна советничка на тројца американски претседатели и виш соработник во Институтот Брукингс, потсетува дека администрацијата на Џо Бајден претходно го предупредила Путин дека употребата на нуклеарно оружје би имала тешки последици. Според тогашните предупредувања, американскиот одговор би можел да вклучува директен конвенционален воен удар врз руски цели.
Хил смета дека Путин постојано тестира до каде може да оди во ескалацијата пред другите страни да попуштат.
Од друга страна, Александар Габуев, директор на Карнеги центарот за Русија и Евроазија во Берлин, оценува дека ризикот од распоредување тактичко нуклеарно оружје е „исклучително низок“. Според него, воената корист од таков напад на современото бојно поле е ограничена, додека политичките последици од преминувањето на нуклеарниот праг би биле огромни.
„Сè додека Москва има простор за ескалација со конвенционално оружје, вклучително и интензивирање на ракетните напади, има малку причини да го премине нуклеарниот праг“, оценува Габуев.
Во меѓувреме, руските тврдокорни кругови бараат целосна мобилизација, напади врз европските фабрики за производство на дронови, како и дополнително засилување на воените операции. Овие барања се засилија по нападите со дронови врз Москва, Санкт Петербург и Крим.
И покрај зголемениот притисок од националистичките кругови во Русија, извори блиски до Кремљ тврдат дека Путин засега ја задржува контролата врз воената стратегија и не покажува знаци дека планира да ја напушти досегашната политика на постепена ескалација.
