Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, се најде во центарот на реакции откако во објава за спасување теле за време на пожарот над скопското село Палиград употребил фотографија која потекнува од Калифорнија и е стара шест години.
Али во објавата тврдеше дека пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје спасиле мало теле кое останало на опожарениот терен за време на големиот пожар на планината Китка.
– Во метежот и огнот, пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје успеаја да спасат едно мало теле кое останало на опожарениот терен. Мало, исплашено, но живо – една мала победа во тешкиот ден, напиша Али.
Сепак, фотографијата со која беше илустрирана објавата не е направена во Палиград. Таа е дел од сторија на американскиот медиум „Successful Farming“, објавена во септември 2020 година, која раскажува за теле спасено по голем пожар во близина на Милпитас, во Калифорнија.
Во оригиналната приказна се наведува дека новороденото теле било пронајдено среде опожарено пасиште, со изгорени трепки, по што било пренесено на безбедно. Подоцна телето било наречено Шарлин и успеало да закрепне.
По бурните реакции во јавноста, директорот на ЦУК се извини за забуната, но нагласи дека самата случка со спасувањето на телето кај Палиград е вистинита.
„Се извинувам за настанатата забуна. Сликата е само илустрација на текстот кој е вистинска случка. Ве поканувам во селото Палиград, на место со мене имаше шест пожарникари од Скопје. Случката е пишана како што беше и телето е спасено живо и здраво“, изјави Али.
Така, употребената фотографија не го документира пожарот кај Палиград, туку настан од Калифорнија во 2020 година. Од друга страна, според објаснувањето на директорот на ЦУК, спасувањето на телето во Македонија навистина се случило, а спорната фотографија била употребена само како илустрација.
