Центарот за јавно здравје Тетово денеска одлучи да ја прекине состојбата на епидемија во Гостивар, истакна на прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски.
Според нивните епидемиолошки податоци, посочи министерот, нема веќе случаи на ентероколитис или стомачни проблеми поврзани со водата за пиење.
Вчера заврши и триесетдневната кризна состојба во Гостивар што беше прогласена од страна на Владата на 20 јули, поради загадување на водата за пиење и неможноста на локалната самоуправа да се справи со настанатата состојба и епидемијата која погоди неколку илјади граѓани.
Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов вчера информира дека според последните анализи, водата во Гостивар е чиста и безбедна за пиење.
– Со истекувањето на кризната состојба, институциите од централната власт, вклучително и ЈП Водовод од Скопје се повлекуваат од контрола на квалитетот на водата. На ред е локалната власт, локалната самоуправа да се погрижи гостиварчани понатаму да пијат чиста и безбедна вода, рече Ангелов.
