СДСМ е подготвен за избори кога и да бидат распишани, со тим, програма и нов Мастер план за Македонија, но нема да биде алиби на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
„Не, нема да бидеме алиби. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери. Тоа нив ги интересира, ништо друго“, рече Филипче.
Тој истакна дека СДСМ секојдневно се подготвува за следните избори, без разлика кога ќе се одржат.
„Ние сме секако спремни, се спремаме секојдневно. Ако ме прашувате дали сме спремни, спремни сме со тим, спремни сме со добра програма“, истакна Филипче.
Филипче најави дека во текот на следниот месец СДСМ ќе го презентира и „Мастер планот за Македонија“, кој, како што рече, ќе содржи конкретни чекори, ветувања и механизми преку кои граѓаните ќе можат да ја следат и контролираат нивната реализација.
„Спремни сме со нешто што ќе го презентираме во текот на следниот месец, а се вика Мастер план за Македонија. Мастер план во неколку чекори, пет или шест, во кои што, ако граѓаните ни ја дадат довербата на следните избори, кога и да бидат, да знаат кои се нашите ветувања, кои се контролните механизми, тие ветувања за доброто на граѓаните и на државата да ги имплементираме. Ете, тоа ќе биде нашиот план“, рече Филипче.
