Мицкоски од Самитот во Црна Гора: Очекувам силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ

Од:

Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, како и суштински дискусии и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес во Црна Гора.

– Денеска очекувам многу силни пораки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. Секако, тука ја вклучувам и мојата земја. Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите – изјави Мицкоски пред почетокот на Самитот.

Тој најави дека во своето обраќање ќе ја истакне силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција, посочувајќи дека Владата и во иднина ќе продолжи да дејствува во таа насока.

– Во моето обраќање ќе ја претставам и ќе ја пренесам пораката за силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција. Практично, такво е и досегашното дејствување на мојата Влада и ќе продолжиме да се движиме по тој пат и во иднина – истакна Мицкоски.

Тој се осврна и на актуелните глобални предизвици, меѓу кои ги посочи војната во Украина, војната со Иран, кризата на финансиските пазари и протестите низ Европа.

– Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век: руската војна во Украина, како и војната со Иран, кризата на финансиските пазари, протестите низ цела Европа и сè што е поврзано со нив. Затоа, мораме да најдеме начин да излеземе од оваа ситуација во светот, особено во Европа, а мојата Влада е силно посветена да придонесе во таа насока – рече премиерот.

Тој изрази надеж дека денешните разговори во рамки на Самитот на Берлинскиот процес ќе бидат суштински и ќе резултираат со конкретни и плодни резултати.

Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој ќе се разговара за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија.

Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора, а покрај лидерите од Западен Балкан, учествува и канцеларот на Сојузна Република Германија, Фридрих Мерц, кој е силен поддржувач на напредокот и интеграцијата на регионот во Европската Унија.

Самитот ќе го отворат премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ и германскиот канцелар Мерц. Во рамките на Самитот ќе се одржи и пленарна сесија „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.

Германската влада соопшти дека главни теми ќе бидат економскиот раст, конкурентноста и безбедноста, додека Црна Гора за време на своето претседавање како четврт клучен приоритет ја постави зелената и одржлива транзиција.

Берлинскиот процес е меѓувладина платформа покрената во 2014 година на иницијатива на Германија, под тогашната канцеларка Ангела Меркел, со примарна цел да се забрза евроинтеграцијата и да се продлабочи регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.

Би можело да ве интересира

Мицкоски на Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора

Жерновски: Истрага за Гренел во САД – од Вашингтонскиот периметар не остана ниту милиметар

Писмениот дел од правосудниот на мајчин, усниот на македонски, инсистира Мицкоски

Катерина Ѓуровски

Мицкоски има одговор за изјавите на Радуков и Демерџиев, ама вели не заслужуваат внимание

Левица: Мицкоски тврди дека економијата е „многу, многу постабилна“, а секое трето дете живее во сиромаштија

А1он

Мицкоски: Филипче е во состојба да продаде се само за да стигне до фотелја

А1он