Кој е Украинецот уапсен во Пула поради сомнеж дека е поврзан со саботажата на Северен тек?

Од:

Украинецот кој денеска беше приведен во Пула се поврзува со една од најголемите подводни саботажи во модерната историја – експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море во септември 2022 година.

Станува збор за 44-годишниот Володимир Журављов, професионален инструктор за длабинско и техничко нуркање. Германското сојузно обвинителство го сомничи дека бил еден од непосредните извршители кои поставиле експлозив на гасоводите на дното на Балтичкото Море. За него германските власти издале европски налог за апсење.

Според истрагите на германските медиуми ARD, Süddeutsche Zeitung и Die Zeit, Журављов бил дел од тимот кој во почетокот на септември 2022 година испловил од германското пристаниште Росток со изнајмена едрилица „Андромеда“.

Истражителите се сомневаат дека нуркачите се спуштале на длабочина од околу 80 метри во близина на данскиот остров Борнхолм, каде што на челичните цевки поставиле експлозивни направи. На 26 септември 2022 година беа уништени три од четирите цевки на системите Северен тек 1 и 2.

До Журављов германските истражители наводно дошле преку сообраќаен прекршок. Камера за брзина на германскиот остров Риген го снимила белиот комби во кој се пренесувала нуркачка опрема. Софтверот за препознавање лица го поврзал совозачот со негови профили на социјалните мрежи и фотографии од курсеви за нуркање.

Журављов со години живеел со семејството во полскиот град Прушкув, во близина на Варшава. Формално работел во монтажа на клима-уреди и вентилациски системи, а во слободно време држел приватни часови по техничко нуркање на големи длабочини.

Кога Германија во јуни 2024 година испрати европски налог за негово апсење до Полска, тој не бил уапсен. Според медиумските информации, во јули 2024 година успеал да ја напушти Полска и да премине во Украина.

Сега неговото појавување во Пула повторно го отвора прашањето кој стои зад саботажата на Северен тек и дали германските истражители конечно ќе успеат да го изведат пред суд човекот кој го сметаат за еден од клучните оперативци во акцијата.

Би можело да ве интересира

Кулеба: Америка веќе нема желба да ја спонзорира Украина

Москва обвинува: Зеленски создава „пантеон“ на украински националисти и соработници

Нов напад врз Запорожје: Загина маж, неколкумина се повредени

Украина ја пречекува есента со недоволни резерви на гас

Новина во случајот „Северен тек“: Уапсен е Украинец во Хрватска

Горан Наумовски

Пристигна руската одмазда – масакр во Харковската област