На територијата на државата денеска до 13:00 часот се регистрирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои четири се активни, два се под контрола, а два се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни се пожарите во општините Студеничани, Македонски Брод, Прилеп и Охрид.
Во Општина Студеничани пожарот се шири на потегот од селото Моране, преку Вртекица до Рамни Габер, каде што гори мешана шума.
Во Општина Македонски Брод активен е пожарот во месноста Видуш, кај селото Драгов Дол и кај селото Локвица. Зафатени се ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Во Општина Прилеп пожарот е регистриран во селото Чаниште, со краци кон селото Крушевица, кон Лопатица, кон Црна Река и кон селото Орле, при што гори ниска вегетација.
Активен пожар има и во Општина Охрид, на депонијата Буково, каде што гори отпад.
Под контрола се два пожари. Едниот е во Општина Јегуновце, во селото Копанце, каде што гори мешана шума, а другиот е во Општина Делчево, на депонија во Делчево.
Во текот на денот се изгаснати два пожари. Во Општина Сарај е изгаснат пожарот во селото Рашче, каде што горела ниска вегетација, додека во Општина Струмица е изгаснат пожарот на потегот Просениково–Сарај, каде што горел отпад.
Од ЦУК апелираат до граѓаните на особена внимателност при престој и движење на отворен простор, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од ширење на пожари.
