Левица: 34 години македонска армија – со преку 4% од БДП за одбрана до најслаба војска во регионот

Од:

По повод 34-годишнината од основањето на Армијата, од Левица се осврнуваат на нејзината историја, создавањето, потешкотиите и развојот, но и на актуелната состојба во македонската армија.

Од партијата потсетуваат на, како што наведуваат, „славните денови и херојството“ за време на конфликтот во 2001 година, кога, според нив, во содејство со специјалните единици на МВР дошла до израз основната намена на Армијата – заштита на територијалниот интегритет на државата.

„25 години подоцна, на 34-годишнината од основањето, наместо прераснување во сериозна сила искалена во реална борба, сведочиме на континуирано ослабнување и деградирање на АРМ предизвикано од заедничкото дејство на естаблишментските партии и владејачките елити“, велат од Левица.

Од партијата тврдат дека македонската армија бележи пад на релевантните глобални листи според кои, како што наведуваат, по воена моќност се наоѓа на дното во регионот. Притоа посочуваат дека Македонија е втора по Полска според буџетските издвојувања за одбрана во рамките на НАТО.

Од Левица предупредуваат и на кадровска криза и незадоволство во редовите на Армијата, при што, според нив, професионалниот состав се соочува со одлив на обучен кадар и незадоволство од ниските примања.

„Поголемиот дел од касарните се изградени во времето на СФРЈ и со децении зјаат невозобновени. Санитарните услови се катастрофални – нема парно греење во зима, тоалетите се руинирани, спалните соби ги разјадува влага, а покривите протекуваат“, наведуваат од партијата.

Тие упатуваат критики и за исхраната и условите за работа во армиските мензи, како и за недостигот на основни хигиенски средства. Според Левица, војниците често сами купуваат материјали за одржување на просториите.

Партијата тврди дека војниците на терен со години се соочуваат и со недостиг на квалитетни обувки и униформи, поради што дел од нив сами набавуваат тактичка опрема од приватни продавници.

„Додека се инвестираат милиони во скапи оклопни возила, војниците користат заштитни елементи – шлемови и панцири – кои технолошки се застарени и гломазни“, стои во соопштението.

Од Левица додаваат дека припадници на Армијата кои обезбедуваат државни објекти или караули, според нивните информации, често престојуваат во импровизирани објекти без струја, вода и соодветна изолација.

Критики има и за кадровската политика. Од партијата велат дека унапредувањата во повисоки чинови, испраќањето во странски мисии и прекомандите често се вршат под силно партиско-политичко влијание и преку политички врски.

„Тоа ја убива мотивацијата кај вистинските професионалци“, оценуваат од Левица.

Според партијата, поради ваквата состојба младите не се пријавуваат да служат во Армијата, додека оние кои веќе се во системот се преоптоварени.

„Еден војник често извршува задачи за тројца – дежурства, стражи и физичка работа. Затоа и просечната старост на професионалните војници е висока“, наведуваат од Левица.

Партијата ги обвинува ДПМНЕ и СДСМ дека безбедносниот сектор го претвораат во поле за политички калкулации, наместо во систем за создавање реална стратегија за одбрана.

Од Левица критикуваат и дека набавките на воена опрема се бавни и оптоварени со, како што наведуваат, комплицирани тендерски процедури и политички пазарења. Според нив, тоа го забавува процесот на трансформација и модернизација на Армијата, која, како што тврдат, е слабо подготвена за современи хибридни и сајбер-закани.

„Сајбер-одбраната, инаку клучна за модерното војување, е сè уште на очајно ниско ниво“, велат од партијата.

Иако буџетот за одбрана е рекордно висок, од Левица сметаат дека средствата не се насочуваат кон независно јакнење на домашните капацитети.

„Речиси една третина од буџетот оди директно за набавка на опрема, а земјата е под силен притисок да купува исклучиво скапа опрема од САД и другите НАТО-земји“, наведуваат од партијата.

Според Левица, воениот буџет се користи за, како што велат, „заситување и хранење на опаѓачката воена индустрија на стратешките партнери“, наместо за развој на сопствени решенија. Оттаму оценуваат дека домашната наменска индустрија е практично непостоечка или маргинализирана.

Од партијата заклучуваат дека членството во НАТО на Македонија ѝ донело буџетски оптоварувања и ослабнување на сопствената војска, на што, како што велат, Левица предупредувала со години.

„Клучно е воено-безбедносниот сектор, како и сите останати суштински столбови на државноста и самостојноста, да бидат оттргнати од рацете на шпекулантите и профитерите од естаблишментските партии кои со години ја исцрпуваат и уништуваат армијата заедно со сите останати општествени сегменти до кои се дофаќаат“, стои во соопштението.

Од Левица бараат во Армијата да дојдат до израз професионалците, кои, како што наведуваат, треба да ја раководат институцијата врз основа на способноста и посветеноста кон државата.

Од партијата на крајот им го честитаат Денот на Армијата на сите припадници на АРМ и граѓаните, со порака дека целта е на Армијата „да ѝ се врати сјајот и славата кои ги заслужува“.

Би можело да ве интересира

34 години македонска армија

Почесна артилериска стрелба во пресрет на одбележувањето 34 години од македонската Армија

А1он

Левица: Три години студентскиот оброк e без усогласување, студентите се оштетени за 6,5 милиони евра

Горан Наумовски

Левица: Од милионски криминали до обвинение со максимум пет години – ДПМНЕ ја спушти “големата правда” за Груби и ДУИ на ниво на резил

Предраг Петровиќ

Левица: Две години Министерството за култура и туризам нема буџет за поддршка на преводи на македонски книги на странски јазици

A1on

Левица: Двапати ја прогласиле водата во Гостивар за безбедна, никој од здравствениот синџир не е разрешен