Економско-финансискиот совет на Левица предупредува дека најавеното задолжување, растот на трошоците за камати и намалувањето на капиталните инвестиции отвораат прашања за насоката на економската политика на Владата.
На состанокот на Советот, на кој присуствуваа пратеникот Борислав Крмов, координаторот на секторот за финансии Марјан Димитриев, координаторот на секторот за политичка економија Дамир Хајрединовиќ и други членови, беа разгледани состојбите во јавните финансии, државното задолжување, инфлацијата, животниот стандард и перспективите за економски раст.
Од Левица посочуваат дека за 2027 година е најавено задолжување од 1,3 милијарди евра, додека јавниот долг надминува 10,7 милијарди евра. Според партијата, Македонија следната година ќе исплати повеќе од 400 милиони евра само за камати.
Советот оценува дека е потребна детална анализа на задолжувањето, со јасен приказ на средствата наменети за покривање на буџетскиот дефицит, рефинансирање на постојните долгови и финансирање нови инвестиции.
„Задолжувањето не може да биде замена за развојна економска политика“, наведуваат од Левица.
Партијата реагира и на вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, со кој планираните капитални расходи се намалуваат за околу 92 милиони евра, додека буџетскиот дефицит останува на 4,1 отсто од БДП.
Според Економско-финансискиот совет, јавните средства треба да се насочуваат кон проекти што создаваат долгорочна вредност, ја зголемуваат продуктивноста и ги подобруваат условите за живот. Од партијата сметаат дека треба да се утврди кои капитални проекти доцнат, кои се кратат и зошто нивната реализација отстапува од првичните планови.
Левица бара и анализа на можностите за задолжување кај различни меѓународни кредитори, вклучително и Кина, меѓународните финансиски институции и комерцијалните финансиски пазари. Според Советот, споредбата треба да ги опфати каматните стапки, роковите за отплата, грејс-периодите, валутните ризици и вкупните трошоци на задолжувањето.
Од партијата нагласуваат дека секој заем треба да биде транспарентен, финансиски оправдан и поврзан со јасно утврдена намена.
Во однос на животниот стандард, Советот посочува дека годишната инфлација во септември 2026 година изнесува 2,7 отсто, но оценува дека забавувањето на инфлацијата не значи и враќање на куповната моќ на граѓаните.
„За граѓаните е важно колкав дел од нивните приходи е потребен за храна, сметки, транспорт и домување, а не само колкава е просечната стапка на инфлација“, наведуваат од Левица.
Како дополнителен ризик ја посочуваат нестабилноста на меѓународните енергетски пазари и можноста за нови ценовни притисоци. Затоа, според Советот, потребно е внимателно следење на цените на горивата и нивното влијание врз транспортните трошоци, производството и цените на основните производи.
Левица смета дека економската политика треба да биде насочена кон заштита на куповната моќ преку предвидлива даночна политика и мерки што ќе имаат реален ефект врз трошоците на домаќинствата.
Економско-финансискиот совет најавува дека ќе продолжи да ги следи и анализира јавните финансии и економските политики, со цел да понуди конкретни и одржливи решенија.
„Јавните финансии мора да бидат инструмент за развој, а не механизам за постојано префрлање на финансискиот товар врз идните генерации“, порачуваат од Левица.
