Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов на прес-конференцијата на која беше соопштено дека водата од водоводниот систем во Гостивар е безбедна за пиење и може да се користи за сите потреби, оцени дека со проблемот со водата институциите успешно се справиле, нагласувајќи дека тој настанал поради пропусти на локалната власт и кои траеле години наназад.
– По избивањето на епидемијата, од страна на Главниот штаб за управување со кризи веднаш е покрената кризната состојба којашто беше прогласена од Владата на територијата на Гостивар. Покрај Главниот штаб, вклучени се стручни лица, вклучени се и три сертифицирани, акредитирани лаборатории коишто имаат и акредитирани методи на земање на примерок од водата – рече Ангелов.
Тој истакна дека во работата на штабот стручна помош давале и ЈП „Водовод и канализација“ од Скопје, Институтот за јавно здравство – Скопје, Центарот за јавно здравје – Тетово, Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи, ДЗС.
Неговата оценка е дека проблемот со водоснабдувањето во Гостивар бил отстранет во најкус можен рок.
– Нашата цел не беше да брзаме, нашата цел беше тогаш кога водата ќе биде сигурна и безбедна за пиење, забраната да биде тргната, рече првиот човек на ДЗС.
Според него, најголем предизвик било чистењето на цевководот, кое било спроведено со хлорирање со единица до еден и проверки на водата од заостанти бактерии и нивно ширење низ системот.
– Сметам дека апсолутно успешно се справивме со оваа криза. Морам да кажам дека и соработката со локалниот општински штаб беше на највисоко ниво, бидејќи заборавив да ја кажам во набројувањето, рече Ангелов на прес- конференцијата во Гостивар
Зуди Џелили, член на Централниот кризен штаб и раковител на локалниот штаб во Гостивар рече дека оваа криза била сериозен предизвик за градот, но оти истовремено покажала дека кога институциите соработуваат и дејствуваат одговорно, професионално и посветено, и најтешките предизвици можат да се надминат.
Џелили посочи дека во справувањето со кризата била особено важна и соработката со Централниот кризен штаб, експертите, владата, државните институции, општините, општествено одговорните организации и донаторите. Според него во изминатиов месец соработката, придонесот и посветеноста биле на највисоко ниво. Тој оцени дека локалниот кризен штаб бил фокусиран на координација на активностите на терен и пред сè, на обезбедување поддршка за граѓаните во периодот на кризата.
– Денес најважно е што оваа криза завршува со добра вест за граѓаните на Гостивар: водата од градскиот водовод е безбедна за пиење и граѓаните можат нормално да ја користат, потенцира првиот човек на Локалниот кризен штаб.
