(ВИДЕО) Европа повторно во сенка – започна целосното помрачување на Сонцето по повеќе од 20 години

Од:

Американската вселенска агенција НАСА во живо го следи и пренесува денешното целосно помрачување на Сонцето – еден од највпечатливите астрономски феномени, кој повторно го сврте вниманието на јавноста кон небото.

Љубителите на астрономијата и вселената можат да го следат феноменот во реално време преку официјалните канали на НАСА, вклучително и преку платформата X и YouTube.

Целосното помрачување се случува кога Месечината ќе се најде директно меѓу Сонцето и Земјата и ќе ја блокира сончевата светлина. Во тесниот појас на Земјата низ кој минува сенката на Месечината, Сонцето привремено исчезнува зад темниот диск на Месечината, создавајќи впечатлива дневна темнина.

Феноменот денеска е целосно видлив во делови од Северна Русија, Гренланд, Исланд, северна Шпанија и североисточна Португалија. Во пошироки делови од Европа, Африка и Северна Америка помрачувањето може да се набљудува како делумно.

За голем дел од континентална Европа, ова е редок астрономски настан, а особено внимание предизвикува во Шпанија, каде што целосната еклипса е видлива од копното по повеќе од еден век. Денешниот феномен е и првиот од серијата од три целосни помрачувања што ќе бидат видливи од Шпанија во периодот од 2026 до 2028 година.

И Македонија е меѓу земјите од регионот од кои феноменот може да се набљудува како делумно помрачување, во доцните попладневни часови, непосредно пред зајдисонце.

Последното целосно помрачување на Сонцето видливо од Северна Америка се случи во април 2024 година, кога милиони луѓе во САД, Мексико и Канада имаа можност да го следат спектакуларниот природен феномен.

Целосните соларни еклипси се меѓу најретките и најимпресивни небесни појави, бидејќи траат само неколку минути на одредена локација, иако нивната патека може да се протега низ илјадници километри.

Во Скопје затемнувањето ќе започне во 19:29 часот, а својот максимум ќе го достигне околу 19:36 часот. Сонцето ќе зајде околу 19:39 часот, додека затемнувањето сè уште е во тек, поради што целиот феномен нема да може да се проследи од главниот град.

Видливиот дел од затемнувањето во Скопје ќе трае само околу девет минути. Во моментот на максимумот, Месечината ќе покрие околу 5 проценти од површината на сончевиот диск.

Времето на почетокот и видливоста ќе се разликуваат во зависност од местото во Македонија. Во Куманово затемнувањето ќе започне околу 19:29 часот, а максимумот ќе биде околу 19:35 часот. Во Охрид почетокот се очекува околу 19:31, а максимумот околу 19:36 часот, додека во Битола затемнувањето ќе започне околу 19:31, а максимумот ќе биде околу 19:34 часот.

Бидејќи Сонцето во тој период ќе биде многу ниско над хоризонтот, за набљудување на феноменот ќе биде потребен отворен поглед кон западниот хоризонт, без згради, дрвја, планини или други пречки.

Би можело да ве интересира

Три астрономски спектакли денеска ќе бидат видливи и од Македонија

Катерина Ѓуровски

Небесен феномен ќе биде видлив и од Македонија: Еве кога точно почнува и што треба да знаете

Предраг Петровиќ

Кина и САД со нова битка за освојување на Месечината

ВИДЕО: Астронаутите од мисијата „Артемис 2“ слетаа на Земјата

Предраг Петровиќ

Екипажот на „Артемис II“ планира утре да се врати на Земјата

Сончево со мала до умерена облачност, температурата до 20 степени