ВИДЕО: Аларм во Србија, Унгарија најави исклучување на нуклеарка поради екстремно ниското ниво на Дунав

Од:

Рекордно нискиот водостој на Дунав, предизвикан од продолжената суша и високите температури, создава сериозни проблеми во повеќе земји од регионот. Во Унгарија постои опасност нуклеарната електрана „Пакш“, која произведува речиси половина од електричната енергија во земјата, да биде целосно исклучена, додека српските власти предупредуваат на тешки последици за земјоделството, водоснабдувањето и енергетскиот систем.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека поради рекордно нискиот водостој на Дунав, четирите реактори во нуклеарната централа „Пакш“ веќе работат со само една четвртина од нивниот вкупен капацитет од два гигавати.

Водата од Дунав се користи за ладење на реакторите, а доколку нивото на реката продолжи да опаѓа, централата би можела целосно да биде исклучена уште викендов, што би било прв ваков случај по 44 години работа.

Според Маѓар, Владата ќе воведе мерки за намалување на потрошувачката на електрична енергија кај големите потрошувачи, а доколку тоа не биде доволно, операторот на електроенергетската мрежа ќе може привремено да исклучува дел од индустриските капацитети. Домашните потрошувачи, како што нагласи, ќе бидат последни опфатени со евентуални рестрикции.

Дополнително, од понеделник товарниот железнички сообраќај ќе биде прекинуван во вечерните часови за да се намали потрошувачката на струја, државните службеници ќе работат од дома во првите три дена од следната недела, а ќе биде исклучено и декоративното осветлување на јавните објекти. Во најпогодените области веќе се воведуваат и ограничувања во потрошувачката на вода.

Енергетската криза, според проценките, би можела да ја чини Унгарија меѓу 270 и 550 милиони евра поради поскап увоз на електрична енергија.

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека Србија се соочува со сериозни последици од екстремните горештини и нискиот водостој на Дунав.

„Ако нивото на реката падне уште 30 сантиметри, ќе имаме огромни проблеми. Најтешка е состојбата во Војводина, особено во Банат, каде долго време нема дожд“, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека Србија ја очекуваат „10 дена пекол“, со температури над 38 степени Целзиусови и рекордна потрошувачка на електрична енергија поради масовната употреба на климатизери.

Дунав, кој тече низ десет европски држави од Германија до Црното Море, на голем дел од својот тек достигна рекордно ниско ниво. Поради тоа на повеќе места се појавија карпи, песочни наноси и потонати бродови кои вообичаено се под вода.

Метеоролошките прогнози не најавуваат позначајни врнежи во наредните денови, што значи дека водостојот на реката би можел дополнително да се намали, а проблемите во регионот да се продлабочат.

Би можело да ве интересира

Србија прогласи вонредна состојба

Унгарија прогласи вонредна состојба поради сериозен недостиг на вода

Аларм во Европа: Водостојот на Дунав и Рајна падна на рекордно ниско ниво

Пратениците не изгласаа недоверба на српската Влада

Горан Наумовски

ВИДЕО: Брод со 238 луѓе се насука на Дунав поради многу ниско ниво на водата

Виктор Орбан ги повикува поддржувачите да се спротивстават на „тиранијата“ на Петар Маѓар