Конфликтот меѓу двете најголеми фудбалски организации доби нова димензија откако УЕФА јавно ја обвини ФИФА дека врши притисок врз националните асоцијации да го поддржат новиот план на светското фудбалско тело.
Во соопштение објавено во среда, УЕФА тврди дека ФИФА поставила ултиматум за асоцијациите – да ги поддржат своите предлози или да ја изгубат еднократната финансиска исплата.
„Денес дознавме за рокот што ФИФА го постави за асоцијациите да ги поддржат своите предлози или нивната еднократна исплата ќе биде повлечена. Ова ви кажува сè што треба да знаете за овој план“, се вели во соопштението на УЕФА.
Европското фудбалско тело нагласува дека во последните денови разговарало со бројни играчи во фудбалот и дека има растечки отпор кон предлозите на ФИФА.
„По разговорот со многу засегнати страни низ фудбалот, УЕФА е свесна дека има значително и растечко противење на планот на ФИФА“, соопшти организацијата.
Најжешкиот дел од соопштението се однесува на обвинувањата дека ФИФА ја користи својата позиција за да ги унапреди сопствените интереси.
„ФИФА не може да продолжи да го експлоатира нашиот спорт за да се збогати себеси и своите пријатели. Можеме да го развиваме фудбалот на вистински начин. Време е да се даде приоритет на асоцијациите, клубовите, лигите, играчите и навивачите“, заклучи УЕФА.
