Техничкиот извештај на ФИФА за Светското првенство во 2026 година го нагласува огромното значење на Лионел Меси за аргентинската репрезентација. Според анализата, капитенот учествувал во дури 61,5 отсто од успешните офанзивни поседи на „гаучосите“ за време на шампионатот.
Иако придонесот на Меси најчесто се мери преку голови и асистенции, овие бројки откриваат само дел од неговото влијание врз играта. Според анализата на ФИФА, играта на Аргентина во голема мера минувала преку него, а неговото присуство било клучно и во изградбата на нападите и во нивната завршница.
Методологијата на ФИФА како успешни ги дефинира поседите кои водат до влез во последната третина, продор во шеснаесетникот, центаршут или удар кон голот. Оттука, процентот од 61,5 отсто не го покажува само директното учество на Меси во головите, туку и неговата огромна улога во акциите преку кои Аргентина напредувала и создавала опасност пред противничкиот гол.
Со осум гола и четири асистенции, Меси имаше исклучително продуктивен турнир, завршувајќи како втор најдобар стрелец. Сепак, техничката експертска група на ФИФА посебно внимание посветува на неговото движење и интеракцијата со соиграчите, кои далеку ги надминуваат директните голови и асистенции.
Клучен фактор за неговото влијание била целосната тактичка слобода. Иако номинално настапувал како централен напаѓач, Меси редовно се враќал подлабоко за да ја прима топката во просторот меѓу противничкиот среден ред и одбраната. Од таа позиција станувал главна точка за организација на нападите низ средината и помагал во надминувањето на противничкиот пресинг.
Аргентина постојано го барала Меси во обид да стигне до шеснаесетникот. Неговата способност да се појавува во слободните простори ја олеснувала врската со играчите од средниот ред, ги извлекувала дефанзивците од позициите и му овозможувала на тимот да го одржува ритамот на нападите.
Извештајот покажува дека неговите бројки во акциите со влез во последната третина, ударите и головите значително ги надминувале просечните вредности за напаѓачите на турнирот.
Таквата улога била основа на тактичката поставеност на Аргентина, која била насочена кон прогрес низ внатрешните коридори. „Гаучосите“ ја засилувале централната зона, додека бековите ја одржувале широчината за да ја развлечат противничката одбрана. Во таква поставеност, ротациите на Меси и играчите од средниот ред создавале повеќе можности за комбинирање.
Влијанието на Меси било забележливо и во ситуациите кога Аргентина се бранеше во близина на својот гол. Според анализата, тој останувал во поофанзивна позиција, подготвен веднаш да ја прими топката по освојувањето на поседот.
На тој начин Аргентина можела да започне брз контранапад пред противникот да успее да се прегрупира. Од ФИФА овој пристап го оценуваат како намерно тактичко решение.
Одличниот преглед на играта и способноста на аргентинскиот капитен брзо да комбинира со соиграчите кои се приклучуваат во нападот му овозможувале на тимот за кратко време дефанзивната акција да ја претвори во сериозна гол-шанса.
Во извештајот се издвојува и значајниот придонес на играчите од средниот ред, како Енцо Фернандес, Алексис Мек Алистер и Родриго Де Пол, во контролата на играта.
Сепак, бројките на Меси јасно ја покажуваат неговата водечка улога. Со учество во повеќе од шест од секои десет успешни офанзивни поседи, Аргентина во него ја имала главната фигура која го поврзувала почетокот и завршницата на речиси секој напад.
Токму затоа пред аргентинската репрезентација сега се поставува едно од најголемите прашања за нејзината иднина – како ќе изгледа тимот кога на теренот повеќе нема да го има Меси?
Ерата на еден од најголемите фудбалери во историјата во националниот дрес полека доаѓа до својот крај, а бројките од извештајот на ФИФА најдобро покажуваат колку голема ќе биде празнината што ќе треба да ја пополнат „гаучосите“.
Аргентина во последните години изгради победнички тим околу својот капитен, а пред новата генерација сега е предизвикот да најде начин како колективно да го надомести влијанието на играчот преку кого минуваше најголемиот дел од нејзината офанзивна игра. Прашањето повеќе не е само кој ќе го наследи Меси како лидер, туку и дали Аргентина ќе успее да пронајде нов начин на игра без човекот кој со години беше нејзината главна фудбалска точка.
