Министерството за надворешни работи на Иран издаде остро соопштение во кое најостро го осудува, како што наведува, воениот напад на Украина врз ирански трговски брод во Каспиското Море.
Според информациите од Техеран, нападот се случи во саботата во раните утрински часови, при што дошло до експлозија на бродот. Во инцидентот загинал еден морнар, додека уште едно лице било повредено.
„Овој потег претставува кршење на член 2, став 4 од Повелбата на Обединетите нации и е јасен пример за акт на агресија што би можел дополнително да го разгори и прошири воениот конфликт“, се наведува во официјалното соопштение на иранското Министерство за надворешни работи.
Техеран тврди дека нападот, за кој наведува дека „експлицитно го признал украинскиот претседател“, претставува доказ за, како што велат, континуираниот „нелогичен и непријателски пристап на Киев“ кон Исламската Република Иран.
Иран во соопштението повторно нагласува дека „никогаш не бил вмешан во конфликтот меѓу Русија и Украина“. Во таа насока, ги повика Советот за безбедност на ОН, европските држави и сите земји-членки на Обединетите нации да обрнат внимание дека Украина, со овој напад, не само што го прекршува меѓународното право, туку и опасно се обидува да го прошири конфликтот и да ја зголеми нестабилноста.
„Секоја страна на која ѝ е важен мирот и безбедноста во Источна Европа и поширокиот регион мора да заземе одговорен став кон овој опасен потег на украинскиот режим и да ги повика властите во Киев на одговорност за овој криминален и провокативен чин“, се додава во соопштението.
На крајот од соопштението, Иран испрати остро предупредување до Киев и неговите сојузници.
„Во согласност со основните принципи и правила на меѓународното право, особено правото на легитимна самоодбрана, Исламската Република Иран нема да се двоуми да ги брани своите национални интереси и безбедност. Очигледно е дека одговорноста за последиците што ќе произлезат од авантуризмот на украинското раководство ќе ја сноси тој режим, како и неговите спонзори и поттикнувачи“, се наведува во соопштението.
