Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски смета дека секоја дивоградба, не само оние во Охрид, треба да бидат законски и соодветно отстранети. Тој е уверен, како што истакна денеска на прес-конференција, дека ваквиот став за дивоградбите го делат и останатите членови на Владата.
– Тука има конкретни предмети што треба еден по еден да се решаваат и тоа се прашања што се надлежност споделена до некоја мера и помеѓу централната и помеѓу локалната власт. Ако мене ме прашувате како министер и како член на Владата, а верувам дека тоа е став на сите членови на Владата, кога е во прашање дивоградба каде било, не само во Охрид, таа треба да биде отстранета. И тоа треба да биде направено на соодветен и на законски начин, рече Муцунски, одговорајќи на новинарско прашање дали ќе се отстрануваат дивоградбите во Охрид.
Според него, одредени мерки се преземени последнава година.
– Воспоставуваме јасен план. Добиваме долг период и можност, што сметам дека е голем успех, да отстраниме дел од овие состојби. Дел се прашања поврзани со урбанистичкото планирање и тоа е еден од значајните сегменти, но Владата ќе работи ангажирано на сите забелешки. Статусот на УНЕСКО треба да оди во паралелизам со туристичкиот, економскиот и социјалниот развој на целиот тој регион. Не треба заради тоа што има статус УНЕСКО да назадува целиот регион и за тоа има разбирање, и во Париз и меѓу земјите-членки на Комитетот, а институциите и локалната самоуправа ќе продолжат со работа, потенцира министерот.
Тој на прес-конференцијата во Владата информира дека Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на годишната сесија, што се одржува во јужнокорејскиот град Бусан, донесе одлука да го одложи впишувањето на Охридскиот Регион на листата на светски културни и историски наследства во опасност.
