Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издеде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека е загадена и небезбедна за употреба.
– По добиено известување од јавен обвинител од ОЈО Гостивар за спроведување вонреден инспекциски надзор на пречистителна станица за вода во село Вруток, општина Гостивар, за испитување на безбедноста и квалитетот на водата за пиење во овој водоснабдителен систем, добиени се поплаки од граѓани до ОЈО Гостивар и пријава од МВР Гостивар во однос на безбедноста и квалитетот на водата за пиење, инспекциски служби на АХВ, со претставници на Министерството за животна средина, ОЈО Гостивар и крим-техника – МВР Гостивар, вчеравечер спроведоа вонреден инспекциски надзор. Со надзорот утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение, поставена е пумпа, која директно вшприцува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем. Од страна на стручни лица на Институтот за јавно здравје, кои биле присутни на надзорот, земени се мостри од водата за лабораториско тестирање со цел утврдување на нејзината безбедност – информира АХВ.
За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ издаде привремена забрана за употреба на водата за пиење сè до добивање на резултатите од лабораторското тестирање, со кое ќе се потврди нејзината безбедност.
