Земјите на европскиот пат треба да продолжат да ги спроведуваат реформите со забрзано темпо без оглед на тоа кога Европската Унија ќе донесе одлука за проширување, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за време на своето обраќање пред учесниците на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите кандидати за ЕУ, што се одржа вчера во Палатата на Србија.
„Не мислам дека ЕУ може да донесува одлуки за проширување во следните неколку години. Може да има еден исклучок, а може и да нема, но тоа не значи дека не треба брзо да продолжиме по нашиот европски пат, да спроведуваме важни реформи. За нас, ова значи дека треба да размислиме и за тоа какви придобивки можеме да добиеме од европскиот пат и какви придобивки може да има Европа ако правилно си ја вршиме работата“, рече Вучиќ.
Дводневната Конференција на претседатели на парламенти на земјите кандидати за ЕУ започна во Палатата на Србија во Белград. Конференцијата официјално ја отворија претседателката на Народното собрание на Република Србија, Ана Брнабиќ, и претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
На Конференцијата присуствуваат и министерот за европски интеграции Немања Старовиќ, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија Пламена Халачева, претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили, заменик-претседателот на Парламентот на Македонија Антонио Милошоски, пратеникот во Парламентот на Молдавија Игор Гросу, членот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина Дарко Бабаљ, генералниот секретар на Парламентот на Црна Гора Бобан Станишиќ, заменик-претседателот на Парламентот на Албанија Клодијана Спахиу и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Србија Марсел Пешко. Присутни се и амбасадорите на Шпанија, Франција, Финска, Кипар, Ирска, Бугарија, Белгија, Грција, Украина и Албанија во Србија.
Како што нагласи претседателот Вучиќ во своето обраќање, сè уште нема пат за Србија што би можел да биде подобар и поуспешен од европскиот. Тој изрази верување дека земјите-кандидатки можат да постигнат многу со заедничка работа и напредок во процесот на пристапување кон ЕУ.
„За мене како претседател на Србија, од најголема важност е да имаме одлична соработка со Молдавија, Грузија и Украина. Верувам дека можеме да посочиме на нашите искуства што ги имавме на европскиот пат и дека можеме многу да научиме од нашите пријатели од која било од присутните земји. Заедно можеме да постигнеме многу, да научиме и да направиме многу, да развиваме односи меѓу нашите земји и да не се потценуваме“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека сè уште нема слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги во регионот и дека затоа не може да постои ниту со ЕУ.
„Предложив сите во регионот да бидат дел од единствен пазар и да имаат отворени граници, и со Европа и меѓу земјите во регионот. Тоа има смисла, бидејќи Србин од Бања Лука и Бијелина едвај чека да може да дојде во Белград без никакви гранични компликации. Исто така, Србин од Белград кој оди во Бијелина и Бања Лука. Бошњак од Нови Пазар едвај чека да може да оди во Сараево без никакви гранични компликации и одложувања. Исто така, Бошњак од Сараево едвај чека да оди во Нови Пазар на ист начин“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека во регионот сè уште не сме успеале да се ослободиме од сите разлики, конфликти од 1990-тите, како и да стекнеме разбирање за меѓусебно почитување и ценење.
„Можно е да постои и наша вина тука, кога велам наша, мислам на Србите, не ја избегнувам мојата одговорност тука, но сум сигурен дека ова го има и на сите други страни“, рече Вучиќ.
Според него, во последните 18 години, од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, Србија научила да живее сама, да работи, да расте побрзо и да напредува.
„Научивме да се натпреваруваме со оние кои, според некои правила, треба да бидат пред нас, но веќе не се пред нас, и сфативме дека можеме да ја градиме економијата во соработка со многу други земји, но сè уште немаме пат што би можел да биде поуспешен и подобар од европскиот пат“, истакна Вучиќ.
