Украина очекува трилатерални разговори во ноември со учество на претставници на Украина, САД и Русија, но и Европа мора да биде вклучена во дипломатскиот процес и во донесувањето одлуки за завршување на војната, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според него, Украина инсистира европските земји да бидат вклучени во преговарачкиот процес и ниту една од нив да не биде исклучена од донесувањето одлуки, пренесува „Укринформ“.
Зеленски наведе дека Украина планира во наредните недели да оствари нови контакти со клучните европски земји. Тој додаде дека Киев продолжува да ги координира активностите со САД и другите партнери со цел организирање дипломатски средби.
„Мораме да ги зачуваме животите. Мораме да го приближиме мирот. Мораме да ја обликуваме политиката кон Русија така што ќе поттикнеме интерес кај неа за чекори кон деескалација. Без притисок нема мир. Мирот не им доаѓа на оние што се немоќни“, изјави Зеленски.
