Жалбената комисија на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) во понеделникот ја одби жалбата на Белгискиот фудбалски сојуз против одлуката за укинување на казната за американскиот репрезентативец Фоларин Балогун, на кого, и покрај директниот црвен картон добиен во шеснаесетфиналето, му беше дозволено да настапи во осминафиналето против Белгија.
Во соопштението се наведува дека Белгискиот фудбалски сојуз немал право на жалба против одлуката за условно суспендирање на казната за Балогун со пробен рок од една година, „бидејќи не бил странка во постапката“.
Најефикасниот американски напаѓач, кој на ова Светско првенство постигна три гола, доби директен црвен картон на натпреварот од шеснаесетфиналето меѓу Соединетите Американски Држави и Босна и Херцеговина поради опасен старт.
Дисциплинската комисија на ФИФА, врз основа на член 27, ја укина казната од еден натпревар неиграње за Балогун и ја преиначи во условна казна со пробен рок од една година. Откако оваа одлука беше објавена, веднаш се појавија тврдења дека е донесена под политички притисок, односно по повик од Белата куќа до претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Во понеделникот американскиот претседател Доналд Трамп призна дека го повикал Инфантино и побарал повторно да се разгледа одлуката за казнување на Балогун.
„Сè што направив беше да побарам повторно да се разгледа случајот, бидејќи сметам дека воопшто немаше прекршок. Ја видов ситуацијата – тоа не беше прекршок. Двајца играчи трчаа со полна брзина и се судрија. Тоа беше ужасна судиска одлука. Одлуката на ФИФА да го укине црвениот картон е навистина брилијантна, но јас не им кажав да го направат тоа. Не можам јас да им кажувам што да прават“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.
Натпреварот од осминафиналето меѓу САД и Белгија е закажан за ноќните часови по средноевропско време, а почетокот на дуелот на стадионот „Лумен Филд“ во Сиетл е предвиден за 02:00 часот.
