Бразилската фудбалска легенда Роналдињо (46) би можел повторно да заигра во официјален натпревар, откако италијанскиот третолигаш Равена објави дека тој ќе настапи на првенствениот дуел против Форли.
Натпреварот, кој претставува регионално дерби на Ромања, е закажан за недела, 15 ноември, со почеток во 17:30 часот, на стадионот „Бруно Бенели“ во Равена.
Според најавата на клубот, Роналдињо ќе настапи во официјален првенствен натпревар, облечен во жолто-црвениот дрес на Равена. Од клубот најавуваат дека тој ден вниманието на фудбалската јавност ќе биде насочено кон стадионот „Бенели“.
Равена го најави настанот и со видео објавено на официјалниот профил на Instagram, под слоганот „Враќањето е реалност“. На снимката, бразилската ѕвезда е прикажана со бројот 10 на грбот.
„Магијата никогаш не исчезна. Сега е време да се врати на теренот. На 15 ноември, Роналдињо се враќа. Во жолто и црвено. Равена – Форли“, се наведува во пораката на клубот.
Од Равена информираат дека деталите за продажбата на билетите за натпреварот ќе бидат објавени дополнително преку официјалните канали на клубот.
Претседателот на Равена, Игнацио Чипријани, кој стои зад ангажманот на Бразилецот, за италијанската новинска агенција АНСА изјави дека многумина им велеле оти тоа е невозможно, но дека во клубот верувале во идејата уште од самиот почеток.
Роналдињо потпиша за Равена во јуни, на настан во Мајами, а на навивачите официјално им беше претставен на 20 август, на плажата Марина ди Равена. Неговиот последен професионален настап беше во 2015 година, кога го носеше дресот на бразилски Флуминенсе.
Засега не е познато колку минути ќе помине на теренот. Според италијанскиот портал Today.it, конечната одлука ќе ја донесе тренерот Андреа Мандорлини, по проценката на формата на бразилскиот фудбалер.
Роналдињо е добитник на „Златната топка“ за 2005 година, светски шампион со Бразил од 2002 година и освојувач на Лигата на шампионите со Барселона во 2006 година.
