Кинескиот претседател Си Џинпинг, по повод 105-годишнината од основањето на Комунистичката партија на Кина (КПК), порача дека партијата мора да остане обединета и истрајна во остварувањето на целта за изградба на модерна социјалистичка држава до средината на векот.
Обраќајќи се на свеченоста во Пекинг, Си ја оцени 105-годишната историја на КПК како „највеличествениот еп“ на кинеската нација и ги повика членовите на партијата да останат верни на своите принципи, активно да одговорат на предизвиците и да продолжат со спроведувањето на развојната стратегија на земјата.
„Времето не застанува за никого, ниту историјата“, изјави Си, нагласувајќи дека Кина се наоѓа во период во кој истовремено постојат големи можности, но и сериозни ризици и неизвесности.
Тој истакна дека партијата треба да се потпира на народот, да го зачува претприемачкиот дух и да биде подготвена да се справи со сите предизвици што ги носат промените во глобалната политичка и економска средина.
Според Си, светот влегува во нов период на турбуленции и трансформации, поради што Кина ќе продолжи да го промовира концептот за „заедница со заедничка иднина за човештвото“, како дел од својата надворешна политика.
Тој повторно ја нагласи потребата од засилување на борбата против корупцијата и унапредување на строгото партиско управување, оценувајќи дека членовите на КПК мора да останат скромни, дисциплинирани и посветени на својата мисија.
Основана во 1921 година во период кога Кина се соочувала со сиромаштија и странски притисоци, Комунистичката партија денес брои околу 101,3 милиони членови и повеќе од 5,4 милиони партиски организации, што ја прави најголемата владејачка политичка партија во светот.
На свеченоста, Си ја додели и Медалјата „1 Јули“, највисокото партиско признание, на осум заслужни личности од различни професии, меѓу кои ветерани, лекари, инженери, земјоделски експерти и локални партиски функционери.
Во својот говор, кинескиот претседател оцени дека КПК во изминатите 105 години ја променила судбината на кинескиот народ, го трасирала патот кон националното обновување и придонела Кина да стане втора економија во светот, една од водечките иновативни сили и држава со просечен животен век над 79 години, како и со најголеми образовен, здравствен и систем на социјална заштита во светот.
Си нагласи дека партијата ќе продолжи со реализацијата на планот за модернизација до 2035 година и со изградба на модерна социјалистичка држава до средината на векот.
Тој повика и на натамошно јакнење на Народноослободителната армија, со цел исполнување на целите поставени за нејзината стогодишнина во 2027 година, како и на заштита на кинескиот суверенитет, безбедност и развојни интереси.
Осврнувајќи се на надворешната политика, Си порача дека долгорочната стабилност на Хонг Конг и Макао останува важен дел од националниот развој, додека прашањето за Тајван, според него, претставува историска мисија на Комунистичката партија. Тој најави продолжување на напорите за национално обединување и решително спротивставување на, како што рече, сепаратистичките активности и надворешното мешање.
