Сопругата и двете деца на аргентинскиот фудбалер Лукас Трехо беа пронајдени мртви под урнатините по катастрофалните земјотреси што ја погодија Венецуела, соопштија спасувачките служби по потрагата која траеше 74 часа.
Северниот дел на Венецуела во средата беше погоден од два силни земјотреси со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала. Според официјалните податоци, најмалку 1.430 лица загинаа, а бројот на жртвите и понатаму расте.
Трагичната вест прв ја објави семејниот пријател и поранешен фудбалер Едсон Тортолеро, кој на Инстаграм соопшти дека спасувачите ги пронашле телата на сопругата на Трехо, Јанина Маранела, како и нивните две деца – Арон и Аиноа.
„Ја известуваме јавноста во Венецуела и Аргентина дека членовите на семејството на Лукас Трехо беа пронајдени без знаци на живот. Ви благодариме на сите за поддршката и ве молиме за максимално почитување на приватноста на семејството во овие тешки моменти“, напиша Тортолеро.
Потрагата траела три дена и три ноќи
Тажната вест ја потврди и клубот на Трехо, венецуелскиот прволигаш Маритимо де Ла Гуаира, кој соопшти дека потрагата по неговата сопруга и децата траела непрекинато три дена и три ноќи.
„Нашиот клуб длабоко жали поради страшната загуба што го погоди семејството на Лукас Трехо. По 74 часа непрекината потрага, тие беа пронајдени безживотни. Ја молиме јавноста да ја почитува приватноста на неговото семејство, роднините и соиграчите“, се наведува во соопштението.
Триесет и осумгодишниот дефанзивец се приклучи на Маритимо на почетокот на оваа година, а најголемиот дел од својата професионална кариера го мина играјќи во Венецуела.

Според аргентинските медиуми, таткото и братот на Трехо веднаш отпатувале од Аргентина за да му помогнат во потрагата по неговото семејство. Само ден претходно фудбалерот на социјалните мрежи објавил семејна фотографија, а во април со емотивна порака ѝ го честитал роденденот на сопругата.
„Среќен роденден, љубов моја! Благослов е што те имаме. Со тебе сè во животот е полесно и поубаво“, напиша тогаш Трехо.
Загина и 14-годишен фудбалер
Трагедијата не е единствениот удар за клубот Маритимо. Од клубот се простија и од 14-годишниот фудбалер Виктор Паласиос, кој бил дел од нивната младинска школа.
Во земјотресот животот го загубила и Адријана Арангурен, член на клупскиот персонал.
Спасувачките екипи и натаму ги пребаруваат урнатините во погодените градови, додека властите соопштуваат дека десетици илјади луѓе сè уште се водат како исчезнати.
