Сеизмолошката опсерваторија: Земјотресите во Венецуела се редок пример на „земјотреси близнаци“

Од:

Силните земјотреси што ја погодија Венецуела се редок и научно значаен пример на т.н. „земјотреси близнаци“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според информацијата, на 24 јуни 2026 година биле регистрирани два последователни силни земјотреса – првиот со магнитуда од 7,2, а вториот, само 38 секунди подоцна, со магнитуда од 7,5. Поради кусиот временски интервал, населението најверојатно ги почувствувало како еден долг и исклучително силен потрес.

Сеизмолозите наведуваат дека двата земјотреса потекнуваат од исто жариште, но најверојатно се поврзани со активирање на два соседни сегмента од сложен раседен систем. Распукувањето започнало на северниот дел од раседот Боконо, а потоа се проширило кон исток долж раседот Сан Себастијан, кој во најголем дел се наоѓа под морското дно.

Според досегашните анализи, активираната раседна површина достигнала должина од околу 160 до 180 километри, што е типично за земјотреси со магнитуда поголема од 7. Наместо енергијата да се ослободи во една точка, раседот постепено се отворал околу една минута, при што биле ослободени огромни количини сеизмичка енергија.

Со анализа на последователните потреси, сателитски InSAR снимки, современи сеизмолошки техники и податоци од населението, научниците дошле до заклучок дека распукувањето се ширело претежно кон исток, што објаснува зошто најсилното тресење било почувствувано во густо населените крајбрежни области.

Од Опсерваторијата посочуваат дека овој случај покажува оти големите земјотреси не секогаш се ограничени на еден расед, туку можат каскадно да активираат повеќе меѓусебно поврзани раседи, со што потресот трае подолго и зафаќа многу поширока област.

Иако Македонија не се наоѓа во истиот тектонски појас како Венецуела, таа е дел од Балканскиот сеизмички регион и има историја на силни земјотреси. Поради тоа, експертите нагласуваат дека земјотресите не можат да се предвидат, но нивните последици можат значително да се намалат со квалитетна сеизмички отпорна градба, почитување на градежните стандарди и добра подготвеност на населението.

Сеизмолошката опсерваторија ги повикува граѓаните да ги обезбедат домовите, да имаат подготвен пакет за итни случаи, за време на земјотрес да останат смирени, да се засолнат под цврста маса или покрај носечки ѕид и да не користат лифт. По потресот, треба да се очекуваат афтершокови, да се следат упатствата на надлежните институции и да не се шират непроверени информации.

„Најдобрата заштита не е предвидувањето на земјотресот, туку навремената подготвеност на институциите, квалитетната сеизмички отпорна градба и информираноста на населението“, порачуваат од Сеизмолошката опсерваторија.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Очајничка трка со времето во Венецуела за пронаоѓање преживеани

ВИДЕО: Соседите од долните катови се закопани, се обидуваме да ги извлечеме, очајна сосотојба во Венецуела

ВИДЕО: Пристигнува меѓународна помош во Венецуела

(ВИДЕО) Расте бројот на жртви во Венецуела: илјадници се исчезнати, спасувачите во трка со времето

ВИДЕО: Страотни снимки од воздух ги покажуваат димензиите на катастрофата во Венецуела

Бројот на жртви во Венецуела се искачи на 188

А1он