Претставата „Анна“, по текст на Драгана Лукан Николоски и во режија на Нина Николиќ, реализирана како ко-продукција помеѓу Театар Комедија – Скопје и „Перипетија продукција“, ќе биде изведена на 26 јуни во рамките на 27. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Златен лав“ во Умаг, Хрватска. Претставата е избрана во официјалната натпреварувачка програма и ќе конкурира за фестивалската награда Гран при, соопштија денеска од НУ Театар Комедија – Скопје.
– По успешниот прием кај домашната публика, „Анна“ го продолжува својот сценски живот пред регионалната публика. Станува збор за современа драма која низ интимна и емотивна приказна ги отвора прашањата за љубовта, припадноста, семејните односи и личната слобода. Поставена на пресекот помеѓу личното и општественото, претставата зборува за цената на изборите што ги правиме и за потребата да останеме верни на себеси, дури и кога тоа значи судир со очекувањата на средината – се додава во соопштението.
Во претставата играат Маја Љутков, Благој Веселинов, Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Тони Денковски – како глас. Авторскиот тим го сочинуваат Нина Николиќ – режија, Илина Ангеловска – сценографија, Ивана Каранфиловска Угуровска – костимографија и Оливер Јосифовски – музика, автори, за кои се нагласува дека низ својата работа развиваат современ и препознатлив сценски израз.
– Покрај значењето што го има за меѓународната видливост на современата македонска театарска продукција, гостувањето на „Анна“ отвора простор за претставување на современи женски авторски поетики на регионалната сцена. Преку драмскиот текст на Драгана Лукан Николоски и режисерскиот ракопис на Нина Николиќ, претставата нуди специфичен поглед кон темите на идентитетот, слободата и позицијата на жената во современото општество, претставувајќи авторски гласови кои сè појасно го обликуваат современиот македонски театар – се додава во соопштението.
Гостувањето на претставата е поддржано од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
