Пакистан и Катар објавија значителен напредок во дипломатските напори меѓу САД и Иран, по првата рунда разговори на високо ниво одржани на самитот во Швајцарија. По состанокот, Кина ги повика САД и Иран да продолжат со соработката со цел да се постигнат позитивни резултати, пишува Анадолу.
Пакистан и Катар, во заедничка изјава изјавија дека самитот за езерото Луцерн се одржал во „позитивна и конструктивна атмосфера“. „Остварен е охрабрувачки напредок, вклучително и воспоставување механизам за понатамошни технички разговори“, се вели во соопштението.
Веста за напредокот беше поздравена и од Кина. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Гуо Џиакун, им рече на новинарите во Пекинг дека се надева дека САД и Иран ќе „го одржат позитивниот моментум во преговорите и ќе работат кон истата цел за постигнување позитивни резултати“. Гуо додаде дека Кина ги поддржува медијаторските напори на Пакистан, Катар и сите релевантни страни за трајно завршување на војната на САД против Иран.
Долгоочекуваните директни разговори меѓу делегациите на САД и Иран се одржаа во Бургеншток. Американската делегација ја предводеше потпретседателот Џ.Д. Венс, додека иранската делегација ја предводеше претседателот на парламентот Мохамед Бакер Калибаф. Целта на состанокот беше да се разговара за начините за спроведување на Меморандумот за разбирање од Исламабад, кој беше потпишан на 17 јуни.
По разговорите, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ја пофали улогата на Пакистан и Катар. Тој истакна дека преговорите со САД донесоа значителен напредок кон завршување на војната во Либан и ублажување на притисокот врз иранската економија.
На социјалната мрежа X, Арагчи објави: „Неуморното посредништво на Пакистан и Катар донесе голем напредок кон завршување на војната во Либан. Извозот на нафта и петрохемиски производи е ослободен од ограничувања, блокадата е укината, некои замрзнати средства се ослободени и е започнат голем план за обнова и развој на Иран“.
