Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина има информации за фабрики во Белорусија кои, како што тврди, се вклучени во поддршка на руските воени операции во војната против Украина.
„Знаеме за секоја фабрика во Белорусија која работи за Русија и работи за оваа војна. Секоја компанија што снабдува компоненти за руско оружје – за оклопни возила, за ракетни системи – а исто така и компанија што ја снабдува Русија со гориво за војната – сето ова ја влече Белорусија во војната“, нагласи Зеленски во вечерното видео обраќање, објави украински Интерфакс.
Според него, во Белорусија се инсталирани специјални повторувачи по должината на границата со Украина, особено во пограничните региони Гомељ и Брест, кои, како што рече, им овозможуваат на руските сили да вршат напади со беспилотни летала на украинска територија.
„Токму благодарение на таквата опрема беа извршени напади врз регионите Житомир, Ривне и Волин, врз нашиот енергетски сектор, врз нашите железници – врз обични градови, врз нашите села. Белорусија има време да ја демонтира оваа опрема“, рече украинскиот лидер.
Тој, исто така, нагласи дека одредени белоруски индустриски капацитети учествуваат во снабдувањето на Русија со компоненти за воена опрема, како и со гориво што се користи во воените операции.
Зеленски предупреди дека ваквите активности „дополнително ја вклучуваат Белорусија во конфликтот“, истакнувајќи дека Киев претходно ги предупредил надлежните структури во Минск.
