САД работат со Катар за потенцијално да стават на располагање 6 милијарди долари замрзнати ирански средства за хуманитарни купувања, изјави денес за CNN извор запознаен со ова прашање, сугерирајќи дека овој потег би можел да биде рано финансиско поттикнување за Техеран.
Сепак, американската администрација постојано нагласува дека пристапот до средствата и какво било олеснување од санкциите се условени, објави CNN. Според CNN, претставници на администрацијата претходно разгледувале краткорочни стимулации за рано усогласување, а внатрешните упатства на Белата куќа издадени кратко време по потпишувањето на меморандумот за разбирање ги опишаа замрзнатите средства како „пари до кои Иран може да пристапи во блиска иднина“.
Планот за потенцијално користење на средствата за купување хуманитарна стока и лекови, доколку се имплементира, наликува на механизам воспоставен за време на администрацијата на поранешниот американски претседател Џозеф Бајден, кога средствата беа префрлени од ограничени сметки во Јужна Кореја како дел од договорот од септември 2023 година за ослободување на петмина американски државјани притворени во Иран, забележува CNN.
Според тој договор, на Иран му беше дозволено да ги користи средствата исклучиво за одредени хуманитарни купувања, како што се храна, земјоделски производи и лекови, додека претставници на администрацијата на Бајден нагласија дека секоја трансакција ќе биде надгледувана од Министерството за финансии на САД. 6 милијарди долари ирански средства доаѓаат од дозволена продажба на нафта, а средствата беа депонирани на сметки отворени за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Го спроведуваме овој аранжман преку воспоставување на она што го нарекуваме хуманитарен канал во Катар“, изјави во тоа време висок функционер на администрацијата, истакнувајќи дека механизмот е дизајниран за да се спречи перење пари и злоупотреба на средствата.
