Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун повика на „експоненцијално“ проширување на атомскиот арсенал на земјата за време на посетата на нов погон за производство на нуклеарен материјал, објави државната медиумска агенција КЦНА.
Ким рече дека производствениот капацитет за материјал за нуклеарно оружје достигнал повеќе од двојно од претходното ниво во последните пет години и им нареди на службениците дополнително да го зголемат производството за да се постигнат долгорочните стратешки цели.
За време на посетата, тој беше информиран за новите производствени процеси што вклучуваат понапредна технологија, а беа разгледани и тековните производствени цели и идните планови, објави КЦНА.
Фотографиите објавени од државните медиуми го покажаа Ким како оди меѓу редови опрема во облик на цилиндар во објектот, што според некои аналитичари би можело да укажува дека локацијата е во главниот нуклеарен комплекс на земјата во Јонгбјон.
Ким рече дека проширувањето е неопходно со оглед на она што тој го нарече влошување на безбедносните закани и долгорочен конфликт со „најжестоките непријатели“ и ја потврди политиката на земјата за зголемување на нуклеарното одвраќање.
KCNA објави дека истиот ден се одржал клучен консултативен состанок за зајакнување на нуклеарните сили, каде што Ким ги изложил насоките за забрзување и на квалитативното и на квантитативното проширување на нуклеарниот арсенал на Северна Кореја. Земјата воспоставила редослед и заштитни мерки за спроведување на „амбициозен иден план дизајниран да ги зајакне нуклеарните сили на нашата земја со експоненцијална брзина“, го цитира KCNA Ким.
„Ова е историски настан што постави епохална пресвртница во брзиот напредок на нашите нуклеарни капацитети“, додаде тој.
Нуклеарниот објект што го откри Северна Кореја бил објект за збогатување на ураниум, изјави функционер од Здружениот штаб на Јужна Кореја на брифинг во Сеул. Аналитичарите рекоа дека посетата на Ким се чини дека имала за цел да ја зајакне преговарачката позиција на Северна Кореја пред потенцијалниот дипломатски ангажман, а воедно да го оправда забрзувањето на нејзината нуклеарна програма.
Со оглед на тоа што иранските залихи од збогатен ураниум се клучна пречка во тековните разговори меѓу Иран и САД, се чини дека Пјонгјанг „намерно се фали“ со своите растечки нуклеарни капацитети за да сигнализира дека денуклеаризацијата не е предмет на преговори со Вашингтон, забележува Јанг Му-џин, поранешен претседател на Универзитетот за севернокорејски студии.
Пјонгјанг се повлече од Договорот за неширење на нуклеарно оружје во 1993 година и оттогаш спроведе шест нуклеарни тестови, како и десетици тестови на балистички ракети, од кои некои експерти велат дека можат да стигнат до САД.
Оваа воена програма ја подложи Северна Кореја на строги санкции од страна на САД. Пркосејќи на притисокот од САД и нивните сојузници, Пјонгјанг во 2022 година прогласи дека нејзиниот статус како нуклеарна сила е „неповратен“. Земјата го смета својот нуклеарен арсенал, проценет на неколку десетици боеви глави, за животно осигурување од каков било обид за инвазија на нејзина територија или соборување на нејзиниот режим.
Северна Кореја спроведе осум ракетни тестови оваа година, што аналитичарите велат дека би можеле да ги одразат напорите на Пјонгјанг да ја искористи ерозијата на меѓународните норми за да го зајакне својот нуклеарен статус.
