Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг, денеска изјави дека не ѝ е познато дали нејзиниот брат комуницирал со американскиот претседател Доналд Трамп, откако Трамп најави дека САД ќе го намалат обемот на воените вежби со Јужна Кореја.
Ким Јо Џонг, директорка на Одделот за општи работи на Работничката партија на Северна Кореја, изјави дека Пјонгјанг е повеќе фокусиран на фактот што заедничките воени вежби на Јужна Кореја и САД продолжуваат, отколку на одлуката на Трамп да го намали нивниот обем.
„Комуникацијата меѓу лидерите на двете земји е нешто за што целосно не сме информирани. Можеби ова е единственото прашање поврзано со надворешната политика на нашиот врховен лидер за кое не сум информирана“, изјави Ким Јо Џонг.
Говорејќи за односот меѓу нејзиниот брат и Трамп, таа додаде дека повеќепати кажала оти Ким Џонг Ун „лично има убави спомени и чувства кон Трамп“.
„Односот меѓу двајцата лидери останува одличен. Тоа е општопознато во целиот свет и не е изненадување“, истакна Ким Јо Џонг.
Таа оцени дека одлуката на Трамп за намалување на обемот на заедничките воени вежби меѓу Јужна Кореја и САД е „изненадна“, но нагласи дека за Северна Кореја е поважно тоа што вежбите продолжуваат, иако во намален обем.
„Намалувањето на обемот или времетраењето не ја менува провокативната и агресивната природа на овие воени вежби. Ако САД се обидат да ја претстават оваа мерка како гест на добра волја, нема да го добијат посакуваниот одговор“, наведе Ким Јо Џонг.
Според неа, продолжувањето на заедничките воени вежби меѓу САД и Јужна Кореја претставува „несомнена манифестација на непријателство“ кон Северна Кореја.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно неделава навести дека неодамна комуницирал со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, откако најави дека САД ќе го намалат обемот на воените вежби со Јужна Кореја.
На прашањето зошто Ким Џонг Ун не реагирал на неговата најава, Трамп одговорил дека тој „реагирал“.
