(ВИДЕО) Трамп: Го прашав Путин `Дали ќе ja нападнеше Украина ако јас бев претседател?`, одговори `Не`

Од:

На почетокот на денешната прес-конференцијата, американскиот претседател Доналд Трамп ги пофали наводните економски резултати на неговата администрација, истакнувајќи го растот на производството и инвестициите, како и падот на цените на нафтата и бензинот. Тој предупреди дека натамошното движење на цените на горивата ќе зависи и од преговорите со Иран.

Денешната прес-конференција доаѓа по средбата со неговите колеги од Русија и Кина – Владимир Путин и Си Џинпинг.

„Иран сака договор, но не сака таков каков што би бил прифатлив за мене. Ние сакаме вистински договор, а не лажен. Тие ги мамат луѓето веќе 51 година“, рече Трамп.

Тој исто така тврдеше дека САД создале ново богатство во вредност од 25 трилиони долари откако тој се вратил на власт, но дека четири трилиони долари биле изгубени по неодамнешните избори.

Трамп повторно ја критикуваше американската централна банка поради превисоките каматни стапки, тврдејќи дека тие го забавуваат економскиот раст.

Најголемиот дел од своето обраќање го посвети на царините и враќањето на индустријата во САД.

Тој изјави дека, благодарение на неговата политика, се градат илјадници нови фабрики и најави големи инвестиции од страна на „Ауди“ и „Тојота“.

„Тие ни ја украдоа автомобилската индустрија. Германија, Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Мексико. Сега сите тие се враќаат“, рече Трамп.

Тој исто така тврдеше дека „Форд“ – компанија за која се известуваше дека планира да затвори една од своите најстари фабрики во Детроит – сега таму работи седум дена во неделата и планира да го прошири производството.

Доналд Трамп изјави дека, за време на нивната средба, кинескиот претседател Си Џинпинг му честитал за американските успеси, особено во развојот на напредна вештачка интелигенција.

„Претседателот Си ми честиташе за тоа колку добро напредуваме во секој поглед, вклучително и во областа на супер-интелигенцијата“, рече Трамп.

Тој тврдеше дека САД имаат голема предност пред Кина во развојот на таа технологија.

„Ние сме први, тие се втори, а никој друг не е ни блиску. Не верувам дека некогаш и ќе бидат. Кој и да победи во областа на суперинтелигенцијата – тој ќе победи. Запамтете го тоа“, рече тој.

Трамп исто така откри дека тој и Си се договориле за заеднички безбедносни мерки во врска со развојот на вештачката интелигенција.

Тој особено нагласи дека нема да дозволи американските компании да го преместат развојот на инфраструктурата за вештачка интелигенција во странство.

„Нема да дозволиме нашите компании да градат центри за податоци во други земји. Ако го сторат тоа, ќе им наметнеме огромни даноци“, се закани Трамп, конкретно спомнувајќи ја планираната изградба на центар за податоци во Финска.

Трамп изјави дека САД, Индија, Јапонија и Австралија, на самитот во Манила, се договориле да ја зајакнат економската и технолошката соработка и да започнат заедничка програма за развој на суперинтелигенција.

Сепак, тој нагласи дека сака да ја задржи технолошката предност на САД, како и најголемиот дел од развојот на таа технологија – во Америка.

„Ова е позначајно од индустриската револуција“, рече тој.

Доналд Трамп тврдеше дека постигнал договор во врска со Гренланд, притоа изразувајќи благодарност до Данска и до генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

„Како што знаете, го добивме Гренланд. Тоа беше одобрено вчера. Сите велеа: ’Никогаш нема да го добиете‘. Па, ете, го имаме. И тоа ни обезбедува огромна заштита“, рече Трамп.

Тој не објасни што точно е одобрено, ниту што подразбира под тврдењето дека САД сега „го имаат Гренланд“.

Трамп изјави дека постигнал договор со Филипините, според кој тие во иднина ќе ги купуваат сите енергенси и земјоделски производи од САД, наместо од други добавувачи.

„Ги прашав: Ако Кина ве нападне, дали Бразил ќе ви помогне? Не верувам“, рече Трамп, објаснувајќи како ги убедил филипинските власти да се откажат од другите добавувачи.

Според него, Филипините се согласиле 100 отсто од земјоделските производи и енергенсите да ги набавуваат од САД. Овие тврдења сè уште не се независно потврдени.

Трамп повторно изрази жалење што не ја добил Нобеловата награда за мир, тврдејќи дека спречил осум војни.

„Ја запрев војната меѓу Тајланд и Камбоџа. Дали ја добив Нобеловата награда? Не ја добив. Но, спасив многу животи“, рече тој.

Тој тврди дека лидерите на двете земји му се заблагодариле, а дека Тајланд испратил писмо до Нобеловиот комитет.

Трамп изјави дека се приближува кон трговски договор со Мексико, но предупреди на проблемот со криминалните картели.

„Ѝ реков на Клаудија Шеинбаум дека картелите управуваат со Мексико. Не смееме да дозволиме тоа да се случи, тие се наши соседи“, рече тој.

Тој, исто така, остро ја критикуваше Канада, тврдејќи дека таа со децении ги искористува САД.

„Канада нè краде веќе многу, многу години. Време е тоа да престане“, рече Трамп, додавајќи дека канадските претставници се меѓу најтешките преговарачи со кои се соочил.

Доналд Трамп изјави дека Владимир Путин, за време на нивната средба, му рекол оти никогаш немало да ја нападне Украина доколку Трамп бил претседател на САД.

„Го прашав: ’Дали ќе нападнеше ако јас бев претседател?‘ Тој одговори: ’Не, тоа никогаш немаше да се случи‘“, раскажа Трамп.

Тој повторно изрази оптимизам во врска со крајот на војната, но нагласи дека меѓу Путин и Зеленски постои „огромна омраза“ што ги отежнува преговорите.

Зборувајќи за историскиот самит со Путин и Си, Трамп ја спореди средбата со конференцијата во Јалта од 1945 година и го пофали кинескиот претседател за развојот на Шенжен.

„Си заврши фантастична работа. Градот е чист, беспрекорен“, рече тој, а потоа се впушти во долго отстапување од темата, зборувајќи за дупките на патиштата.

„Кога ги гледам нашите градови – земјени патишта, дупки насекаде, огради што се распаѓаат – сè е ‘рѓосано и одвратно“, рече Трамп.

Особено го импресионираше фактот што на кинеските патишта не забележа дури ни закрпени дупки.

„Кога ќе поправите дупка, добивате нов асфалт до стариот, кој е побелен. Не изгледа убаво, но барем не си го уништувате автомобилот. Не сакам да ве заморувам. Ќе речат дека повторно зборувам неповрзано. Јас не зборувам неповрзано. Никогаш“, рече Трамп.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Трамп пристигна во Кина, Си Џинпинг го пречека на аеродромот

А1он

Мосад ја извести ЦИА за наводни планови на Иран за атентат врз Трамп

А1он

Трамп тврди дека САД ги имаат иранските пари и Ормутскиот теснец

А1он

Трамп: Постои неверојатно ниво на одбивност кон Израел

А1он

Трамп: Веќе нема да испраќаме 4 милијарди долари годишно во Израел

А1он

Нов правен пораз за Трамп пред изборите: Врховниот суд одби да блокира над 20.000 гласови во Калифорнија